• недела, 24 ноември 2024

Маричиќ од Салзбург: На ЕУ ѝ се потребни јасен план и стратегија за проширување

Маричиќ од Салзбург: На ЕУ ѝ се потребни јасен план и стратегија за проширување

Скопје, 24 октомври 2022 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска учествуваше на панел дискусијата во рамки на Европскиот самит во Салзбург на тема „Дали Европа ќе ги преживее кризите?“, на кој рече дека само обединета, одлучна, со јасен план и стратегија ЕУ ќе успее да ги надмине предизвиците со кои се соочува во моментот.

- Новата реалност која ја живееме и ние и ЕУ бара конкретни чекори и одлуки кои ќе нè прават поединствени и ќе нè водат напред. Само со правилни одлуки и јасен стратешки план за проширување Европската Унија ќе ги надмине сегашните предизвици, рече Маричиќ.

На панелот, како што соопшти СЕП, се отвори дебата за кредибилитетот на ЕУ и влијанието во земјите на Западен Балкан, особено последните години, како последица од пасивноста на политиката на проширување, на која Маричиќ одговори дека довербата на граѓаните во Унијата е најважна и мора да се работи да ја вратиме, потенцирајќи дека анкетите говорат за пад на поддршката за членство на Северна Македонија во ЕУ и дека постои неверување дека ќе станеме членка во кој било момент.

На истото прашање, Каролине Ештадлер, федералната министерка за ЕУ и Устав на Австрија рече дека проширувањето не е прашање на брзина, туку на кредбилност на ЕУ и дека долго време настрана беше држена политиката на проширување, нагласувајќи дека Австрија останува поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Канцеларот на Австрија, Карл Нехамер, рече дека е за голема почит и поздравување чекорот што го направи Северна Македонија и што ги започна преговорите со Унијата.

- Ние сме мостот со Западен Балкан и треба уште поинтензивно да се посветиме на него. Напредок мора да има во земјите од регионот. Ќе биде долготраен процес, но мора да им докажеме дека сме заинтересирани за нив, рече Нехамер.

Вицепремиерот Маричиќ на панелот говореше и за важноста од членството во НАТО, која се потврдува во овие денови на војна на тлото на Европа и кога земји како Финска и Кралството Шведска чекаат да станат дел од најголемиот воен сојуз.

- Направивме голема жртва за членство во НАТО и ги потврдивме нашата искрена намера и решителност во исполнувањето на стратешките цели на државата. Покажавме во овие моменти дека сме и доверлив партнер на ЕУ со сто отсто усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Сега очекуваме и ЕУ да биде прва во поддршката и помошта со справувањето со кризите, истакна Маричиќ.

Маричиќ рече дека единствена опција за нашата земја е Унијата која сè уште е најдобриот мировен, политички и економски проект за целиот континент.

- Немаме подобра опција. Сè уште е мировен проект, инаку не би го поставувале денеска прашање дали Украина треба да биде дел од Европската унија. Западен Балкан, исто така, беше турбулентен регион. Но со влегувањето во ЕУ, ќе биде запечатена темата за нашиот просперитет, безбедност и стабилност, додаде вицепремиерот.

На панелот заедно со Маричиќ учествуваа и Никола Беер, заменик претседателката на Европскиот парламент, Петер Лаунски-Тиефентал, Генерален секретар на Министерстото за надворешни работи на Австрија, Лилиана Павлова, заменик претседателка на Европска инвестициска банка и Марко Штуцин, Државен секретар за европски работи и меѓународно право на Словенија.

На маргините на Европскиот самит, Маричиќ оствари средби со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан, со генералениот секретар на Министерстото за надворешни работи на Австрија, Лаунски-Тиефентал и Александар Симурдиќ, директор на Фондот за европски прашања на АП Војводина.

Европскиот самит се одржува по 18-ти пат оваа година, од 23-ти до 25-ти октомври 2022 година, а годинава темата е Европа и мир: „Визии за Европа: Очекувања и реалност“. нд/ев/

Остани поврзан