• среда, 25 декември 2024

Маричиќ од Котор: Европеизацијата на државата со Планот за раст мора да продолжи за просперитет на секој граѓанин

Маричиќ од Котор: Европеизацијата на државата со Планот за раст мора да продолжи за просперитет на секој граѓанин

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Како носечки ресори во Владата на Северна Македонија за Планот за раст, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии, ги презентираа приоритетите од Реформската агенда утврдени како наша обврска во Планот. Од ЕУ имаме високи признанија за тие приоритети и тие се усогласени и со приоритетите на Брисел, рече во видеоизјава вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по министерскиот состанок за Планот за раст кој се одржува во Котор, Црна Гора.

Нагласувајќи ја важноста за Планот за раст на ЕК за  Западен Балкан, Маричиќ истакна дека нема време за губење во успешното спроведување на договорените обврски на секоја од земјите опфатени со Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија.

-Во една реченица тоа е главната порака од Регионалниот состанок на министрите за европски прашања и на министрите за финансии од земјите од регионот со највисоките претставници на Европската комисија и на финансиските институции на ЕУ задолжени за успешна и навремена имплементација на Планот за раст, наведе Маричиќ.

Како што соопштува Секретаријат за европски прашања, Маричиќ информира дека веќе се договорени и усогласени нашите обврски за Пристап до единствената област за плаќање во евра, за Зелените ленти за унапредување на олеснувањето на трговијата и транспортот, за слободните вај-фај зони на јавните простори во 500 општини во регионот и за развој на дигиталните иновативни центри. Како што рече, утврдени се и следните чекори. 

-Еден од нив е работата на проектите за Академија за единствен пазар за да се осигура дека националните системи целосно се усогласуваат со оние на ЕУ. Од исклучителна важност е прифаќањето на Дигиталниот паричник, како удобен и безбеден метод за граѓаните и бизнисите да го утврдат нивниот идентитет, користејќи ја нивната дигитална лична карта за интеракција и во јавниот и во приватниот сектор. Како трет приоритет до следната средба е договорено да работиме на придружувањето на земјите од Западен Балкан кон Алијансата на ЕУ за критични лекови и медицинска опрема за зајакнување на националните здравствени капацитети.За сето ова должиме благодарност до ЕК за постигнатите цели досега и за нивната тесна соработка со нашите институции, изјави Маричиќ.

Посветеноста на ЕУ за забрзување на евроинтеграциските процеси на земјите од Западен Балкан и на Северна Македонија, нагласува тој,  „е силен поттик за нас на ниту еден начин да не го опструираме овој процес“.

-Станува збор за процес за брза европеизацијата на државата којашто мора да продолжи според веќе утврдените планови и приоритети за просперитет на секој граѓанин, на Северна Македонија и на регионот и Европа, истакнува Маричиќ во изјавата. хс/са/

Фото: Секретаријат за европски прашања

 

 

Остани поврзан