• среда, 25 декември 2024

Маричиќ на работилница на ТАИЕКС во Белград: Реформата на јавната администрација е основа од која зависи развојот на демократското општество

Маричиќ на работилница на ТАИЕКС во Белград: Реформата на јавната администрација е основа од која зависи развојот на демократското општество

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се обратил на работилница за повеќе земји на ТАИЕКС (TAIEX), на тема „Како да се постигне успех во пристапниот процес кон Европската Унија: Најдобра пракса, напредок и предизвици на земјите кандидати со фокус на основите на Кластер 1 - Реформа на јавната адинистрација во Северна Македонија.“

Како што соопшти СЕП, во своето обраќање тој ја истакнал важноста на регионалната работилница, каде што продолжуваат дискусиите за Европската Унија, перспективата на регионот и напредокот на нашите земји во процесот на пристапување, со фокус на искуствата на земјите кандидати и земјите-членки.

Маричиќ го нагласил успешно завршениот Скрининг процес на почетокот на декември 2023, во кој беа вклучени околу 1000 лица од околу 200 национални институции и 850 презентации подготвени во временски период од околу 15 месеци.

-За да продолжиме со успешно реализирање на процесот, треба да ја исполниме преостанатата обврска, тоа се уставните амандмани, бидејќи има позитивен моментум за проширувањето и сакаме да бидеме меѓу оние земји што побрзо ќе влезат во Унијата, истакнал Маричиќ во обраќањето. 

Тој исто така нагласил дека по официјалното писмо од шпанското претседателство со кое се повика Владата да подготви патоказ за владеење на правото, придружен со Акционен план за заштита и унапредување на правата на припадниците на националните малцинства или заедници кои се помалку од 20 отсто од населението во Северна Македонија и Патоказот за РЈА, Владата ги одобри документите и тие биле споделени со ЕК на 27 декември 2023 година.

Дополнително, додал, во завршна фаза е изготвувањето на Патоказот за функционирање на демократските институции, којшто не е воведен репер, туку е услов, што ги опфаќа областите на изборите, работата на парламентите и граѓанското општество.

-Извештајот за кластерот Фундаменти дефинира јасни насоки кои заедно со Годишниот извештај на Комисијата за земјата за 2023 година се основа за дефинирање на нашите реформски приоритети и патот напред. Она што го сметаме за предност е фактот што во изминатите години континуирано се работи на усогласување на националното законодавство и затоа усогласеноста на Северна Македонија со правото на ЕУ е на генерално добро ниво. Според анализите, степенот на усогласеност е околу 45-50 отсто, а во некои поглавја можеби и повеќе, што е одлична основа за натамошно поголемо усогласување со правото на ЕУ, рекол Маричиќ. 

Според него, модернизацијата и унапредувањето на државата и јавната администрација се гледаат како основа на целиот јавен сектор од кој зависат процесите и развојот во секое демократско општество. 

Маричиќ истакнал и дека реформата на јавната администрација заедно со управувањето со јавните финансии се исто така приоритетни области во рамките на Реформската агенда на Планот за раст, а нејзиното исполнување ќе биде основа за исплата на помошта. 

-Бидејќи сите сме во различни фази од процесот на пристапување, треба да се разгледаат и разликите, во исто време да се создаде позитивна клима и амбиент за сите земји од Западен Балкан подеднакво, посочил Маричиќ. 

На работилницата учество земаа министрите за европски прашања на земјите кандидати за ЕУ, претставници од ТАИЕКС при Европската комисија, претставници на земји членки на ЕУ  и други релевантни експерти. нд/цр

Фото: СЕП

 

 

 

Остани поврзан