• сабота, 09 ноември 2024

Маричиќ: Многу е едноставно, интеграција или изолација

Маричиќ: Многу е едноставно, интеграција или изолација

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) – Доколку опозицијата доаѓа со добра намера, односно со намера да најдеме решение, мислам дека има начини. Доколку нема уставни измени, влегуваме во изолација наредните десет години, изјави вечерва вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Во интервју на Канал 5 Телевизија, во врска со најавената лидерска средба Маричиќ изјави дека е сигурен оти премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и нивните тимови можат да разговараат што потоа, откако ќе поминат уставните измени.

- Јас сум сигурен дека можеме да разговараме што потоа откако ќе поминат уставните измени, тоа е поважно, отколку откако нема да поминат. Доколку тоа се случи, а верувам дека нема да се случи, тогаш тој филм сме го гледале, воопшто не мора за тоа да се среќаваме, тоа е многу едноставно да се предвиди, влегуваме во изолација, во процес на темна улица наредните 10 години, рече Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека до крајот на овој месец очекува дека барем една држава членка на Европската Унија ќе го поддржи нашиот јазик и идентитет.

- До крајот на овој месец јас очекувам дека барем една голема држава членка на ЕУ ќе направи еден политички потег со кој што јавно ќе го поддржи нашиот јазик и идентитет и кој што ќе биде една видна гаранција дека не може да се загрозува кој било јазик и идентитет, конкретно македонскиот, заради преговорите со ЕУ, дополни Маричиќ.

Според него, доколку ги усвоиме уставните измени, Бугарија нема да блокира како до сега и рече оти е убеден дека во процесот што следува, како што рече „ќе дојдеме до точка каде што најмалку 80 пратеници ќе гласаат за уставните измени“.

За повикување на одговорност на Судскиот Совет, тој рече дека треба да се седне и да се утврди кој модел да се употреби за проверка на работата и на судиите и на обвинителите.

За договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорот 8 и 10д, Маричиќ рече дека Европската Унија преку Брисел отворила втор циклус на прашања.

-Ние им објаснивме писмено и усно повеќе пати. Тие побараа нови одговори во втор круг на допишување. Во текот на скринингот им доставив информација, сега втор пат праќаат, а ние ќе им го доставиме одговорот, рече тој.

На прашањето зошто договорот не е јавно објавен, тој рече дека сите автопати досега кои биле изградени во договорот имале клаузули кои не се објавуваат затоа што, како што рече „тој што го изведува тоа има форми и начин на работа кои што не сака ги објавува“. ар/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан