• недела, 24 ноември 2024

Маричиќ: Македонските вина веќе се на пазарите на ЕУ, честит Ден на лозарите

Маричиќ: Македонските вина веќе се на пазарите на ЕУ, честит Ден на лозарите

Скопје, 14 февруари 2023 (МИА) - Македонското вино одамна е во ЕУ. Сите клучни закони од областа на земјоделство и храна ги имаме усогласено со европското законодавство и се врши нивно редовно изменување и дополнување во насока на доусогласување, што е потврдено и од страна на Европската комисија во годишниот Извештај, истакнува во објава на социјалните мрежи вицепремиерот за европски прашања Бојан Марчиќ.

- Северна Македонија е синоним за вкусно грозје, реномирани винарии и врвни македонски вина, кои се најдобрите македонски амбасадори во Европа и светот. Имаме плодна земја која мајсторите на својот занает знаат да ја искористат. Лидери сме во искористеноста на ИПАРД Програмата, финансиска поддршка која ЕУ ја дава за македонските земјоделци и која ќе продолжи и во периодот 2021-2027 година, преку ИПАРД III, чиј буџет изнесува 97 милиони евра. Денеска на празникот Св. Трифун, со закројувањето на лозите и полевањето со вино, лозарите симболично ја означуваат новата сезона на производство, напиша Маричиќ.

Вицепремиерот посочува дека почетокот на преговорите со Унијата значи подготовка за користење на сите предности кои ги носи членството,  во областа на вино и храна.

- Ќе бидеме дел од Европската економска зона и дел од единствен пазар меѓу државите членки на ЕУ, со што ќе се овозможат нови пазари и ќе се понудат нови можности за македонските производители. Македонските земјоделци ќе добиваат поголема поддршка и стабилност на пазарот. Пристап до значаен дел од фондовите на ЕУ, многу поголеми од сегашните. Моделот на ЕУ ќе биде поттик за македонските земјоделство, бидејќи постојат механизми за поддршка на малите фарми. Важно е што ЕУ не го ограничува развојот и зголемувањето на производството, како што често може да се слушне во јавноста, туку напротив ја поддржува конкурентноста на производителите и воведувањето на стандардите на ЕУ, а во исто време инсистира на регионална соработка. Ќе регистрираме и заштитуваме традиционални македонски земјоделски производи. Македонската храна и вино ќе бидат 100 проценти безбедни и сигурни и конкурентни на европскиот пазар, вели Маричиќ.

Тој им го честита празникот Св.Трифун на сите верници кои го чествуваат, а на лозарите им посака богата жетва и квалитетно, врвно вино на европскиот пазар. фф/сп/

Остани поврзан