• сабота, 28 декември 2024

Маричиќ: Имаме политичка волја да обезбедиме судски систем по европски стандарди

Маричиќ: Имаме политичка волја да обезбедиме судски систем по европски стандарди
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - Експертизата, препораките и советите кои ги слушнаа македонските работни групи од Европската комисија ќе бидат добар водич во подготовките за билатералниот скрининг за Поглавјето 23 - „Правосудство и фундаментални права“, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на последниот објаснувачки состанок од Кластерот „Темели“ посветен на ова поглавје. - Институциите и администрацијата имаат мотивација, а Владата политичка волја за да продолжат реформите во правосудството и да обезбедиме за граѓаните судски систем кој ќе функционира по  европски стандарди, напиша на својот Фејсбук профил Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач со ЕУ. Според Маричиќ, напредокот во областа владеење на правото ќе биде јасен показател за текот на преговарачкиот процес и дека македонскиот преговарачки тим и тој, како поранешен министер за правда, одлично го знаат предизвикот кој ќе го имаат во ова поглавје. - Направивме поместувања во функционирањето на правосудниот систем, но ова е област во која ќе имаме уште работа и која секогаш има простор за подобрување, додаде Маричиќ. Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, со денешното завршување на објаснувачкиот состанок за Поглавјето 23 - „Правосудство и фундаментални права“ во Брисел, е заокружен објаснувачкиот скрининг за Кластерот 1 - „Темели“. Билатералните состаноци за поглавјата и областите од овој Кластер ќе се одржат во ноември и декември годинава. - Овој кластер важи за најважната област во процесот на преговори со Европската Унија, имајќи предвид дека содржи поглавја поврзани со демократските институции, владеењето на правото, политичките и економските критериуми, реформата на јавната администрација, јавните набавки, финансиската контрола и статистиката. Од постигнувањето на потребниот напредок во овој кластер ќе зависи отворањето на други кластери, додаваат од СЕП. Скрининг процесот продолжува со објаснувачките состаноци за поглавјата од Кластер 2 - „Внатрешен пазар“, кои ќе започнат во првата половина на месец октомври. сп/

Остани поврзан