• среда, 25 декември 2024

Маричиќ“: Уставните измени се одговорност на сите, нема да се откажеме од дијалогот

Маричиќ“: Уставните измени се одговорност на сите, нема да се откажеме од дијалогот

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Уставните измени не се работа на еден човек, на една партија, ниту пак на една Влада, напротив дека тие се обврска на сите и успехот ќе биде заеднички, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој во изјава на телевизија „Тера“ вели дека Владата во овој момент ги разгледува уставните измени онака како што ги има составено Министерството за правда и дека се прават серија на консултации, со цел до крајот на овој месец иницијативата да биде поднесена до Собранието.

- Повторно апелираме да се вклучи ВМРО-ДПМНЕ, не за да кажеме кој променил став, туку за да ја завршиме работата и да ја поделиме одговорноста како што ни е поделена и во Собранието, бидејќи за ова е потребно двотретинско мнозинство и да продолжиме натаму на патот кон ЕУ. Нема да се откажеме од дијалогот, оти сме со став дека тоа е најдобро средство и ќе се обратиме до секој пратеник, до секоја политичка партија затоа што сметаме дека сите имаат одговорност, рече Маричиќ.

Тој оцени дека за целата атмосфера во општеството е добро да се продолжи со дијалог, затоа што, како што вели, на власта и опозицијата не им се толку различни позициите колку што се чини во јавноста. 

- Сите видовме дека има поместување од првичните позиции од страна на ВМРО ДПМНЕ и тоа е добро. Веќе не е табу темата за гласање на уставните измени и не треба да се затвора вратата. Ако цела европска и светска јавност ни вели дека сега е вистинскиот момент и ние знаеме што се нашите обврски, вистинското место, вистинското време за отворање на дијалогот е сега, рече Маричиќ укажувајќи дека наскоро ќе ги достават амандманите до Собранието, но дека и таму ќе има можност пратеничката група на опозицијата да учествува во разговорите и да даде поддршка. ир/бак/

 

Фото: Секретаријат за европски прашања

Остани поврзан