• среда, 25 декември 2024

Маричиќ: ЕУ брза за решение во јуни, но решение ќе има само со заштитени македонски интереси

Маричиќ: ЕУ брза за решение во јуни, но решение ќе има само со заштитени македонски интереси
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на „Топ Тема“ на телевизија „Телма“ истакна дека Владата сака да ги почне преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавањето на спорот со Бугарија. Тој потенцира дека месецот јуни, како пресуден за добивање датум, е спомнат од ЕУ поради геополитичката ситуација со војната во Украина. - ЕУ е таа, која притисната од геостратешката ситуација, почна прва да го комуницира јуни како датум и комесарот Вархеји и официјалните портпароли на ЕУ. Тоа значи дека има некое чувство на ургентност во ЕУ. Меѓутоа, ние немаме намера да направиме чекор кој ќе ги наруши нашите интереси, рече Маричиќ. Како што потенцираше вицепремиерот, сакаме да почнеме преговори со фер договор, кој нема да задира во нашето достоинство и идентитет. - Нашиот пат е јасен и секогаш бил јасен. Никогаш не сме отстапувале и никогаш не бил лесен, секогаш сме имале тешкотии и Северна Македонија е една од државите коишто имала најтежок пат до исполнување на своите стратешки интереси, кажа Маричиќ. Вицепремиерот додаде дека во овие времиња кога на тлото на Европа повторно има воени дејствија, видовме колку тоа значи и колку е важен НАТО за безбедноста на регионот. - Северна Македонија не треба да отстапи од европскиот пат и тоа наше залагање треба да биде упорно затоа што ние знаеме зошто сакаме таму, зошто сакаме каква држава сакаме да изградиме и знаеме дека заслужуваме да бидеме членки на ЕУ, додаде вицепремиерот Маричиќ. Тој потенцира дека како Влада вовеле нов пристап со Бугарија за да се дојде до одредена точка на решение. - Ние направивме максимум во овој период и тоа беше наша должност да дадеме шанса на овие разговори. Ние не се откажуваме од тоа и ниту пак некогаш се врзувавме за јуни, како пресуден датум. И навистина интензивно работевме во изминатите 120 дена од кога е оваа Влада. Имаше повеќе средби со бугарската страна, сме разговарале за сите отворени прашања и има основа за фер решение, истакна Маричиќ, кој рече дека за четири месеци не може да се очекува радикален пресврт со односите со Бугарија. Вицепремиерот за евроинтеграции потенцира дека во ситуација кога има војна во Украина, кога сите држави се определени за едно повисоко ниво на стратешко размислување, тоа треба да го стори и Бугарија. - Секогаш кога имало желба за поголемо проширување, а тоа е почнато по падот на Берлинскиот ѕид, ЕУ го отворала прашањето за формата и начинот на кој тоа ќе го направи и воспоставувала нова динамика, изјави министерот во однос на евроинтегрирањето на Украина. Тој потенцира дека рамката за државите од Западен Балкан е членство во ЕУ. Таа, како што рече, е утврдена уште во 2003 година. - Таа политика очигледно е во определен вид на криза веќе долго време, но мислам дека и од нашите контакти и при мојата посета на Париз минатата недела, и во овие денови интензивните контакти и со француски претставници и со претставници на ЕУ, сите потврдуваат дека рамката за државите од Западен Балкан е полноправно членство во ЕУ, истакна вицепремиерот Маричиќ.ир/цр

Остани поврзан