• недела, 24 ноември 2024

Маричиќ: Држам подадена рака кон Националниот совет за евроинтеграции, европската агенда да не трпи поради партиски разлики

Маричиќ: Држам подадена рака кон Националниот совет за евроинтеграции, европската агенда да не трпи поради партиски разлики
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Функцијата на Собранието е еден многу важен елемент од темата „Функционирање на демократски институции“, што постојано се наведува во европските извештаи, но сега се издигна на едно ниво, како една од клучните три теми на коишто ќе се прави патоказ за реформи. Планирам како главен преговарач да држам подадена рака, особено кон Националниот совет за евроинтеграции, со којшто претседава опозицијата, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ. Во одговор на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, Маричиќ посочи дека законите во Собранието не се носат на сила, туку со мнозинство. - Ние како владејачко мнозинство секогаш се обидуваме да се почитуваат процедурите и да има доволно простор и за дискусија и за предлози и тоа го покажавме преку прифаќање одредени амандмани од опозицијата, во рамки на некои предложени закони. Сепак, не можам да се согласам дека вината е на Владата, доколку пратеници од опозицијата решат да одвлекуваат избор на уставни судови, што никогаш во историја не се случило, додаде тој. Маричиќ порача дека е потребно заедно со Националниот совет да седнат и да дефинираат на кој начин Советот ќе има иста или поголема улога во процесот на преговори со ЕУ. - Исто така, заедно со Националниот совет да договориме и практично да ја усвојат реформската агенда што Владата ќе ја предложи по усвојувањето на овој Извештај. Заедно да ги утврдиме мерките врз база на наодите и тие мерки кога ќе се усвојат да течат без блокади и да течат таму каде што е возможно и со поддршка од опозицијата, истакна Маричиќ. Вицепремиерот заклучи дека е потребен одговорен пристап во интерес на државата и да не трпи европската агенда поради партиските разлики, што како што вели се отсликуваат во Собранието. ки/сп/

Остани поврзан