• среда, 13 ноември 2024

Маричиќ: Граѓаните сакаат европска перспектива и за нив единствената опција сè уште е ЕУ

Маричиќ: Граѓаните сакаат европска перспектива и за нив единствената опција сè уште е ЕУ

Скопје, 21 мај 2023 (МИА) - Граѓаните сакаат европска перспектива и за нив единствената опција сè уште е Европската унија, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според него, долгогодишната политика на сеење страв која што ја практикува опозицијата е причината што граѓаните во моментов се против промена на Уставот.

-Сеење страв и поигрување со националните чувства на граѓаните од страна на опозицијата дека ќе ни се одземе идентитетот, дека ќе има бугаризација, федерализација, кантонизација или дека јазикот ќе ни биде одземен само штетат на државата и граѓаните. Не можеме и не сакаме да ја убедиме Бугарија во тоа кои сме и што сме. Сакавме и во тоа успеавме да ја убедиме ЕУ односно другите 26 држави членки, да не ја преземат политиката на Бугарија како европска, да не биде негирањето на македонскиот јазик и обидите за негирање на идентитетот на ниво на европска политика, истакнува вицепремиерот Маричиќ на гостувањето во „Детектор“.

Тој потенцира дека освен патот кон Европската унија, државава нема друга алтернатива и политичарите се должни да ги реализираат стратешките интереси.

Според Маричиќ, тоа ќе се постигне со заедничка работа преку која ќе им се објасни на граѓаните дека Северна Македонија нема да го изгуби својот идентитет.

-Нема никаква опасност по нашиот идентитет впишувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во македонскиот Устав. Наша одговорност како политичари е да ги решаваме проблемите заедно и одговорно да им ја претставиме вистинската слика на граѓаните дека уставните измени немаат негативни последици, напротив тоа заедно со реформите значи членство во ЕУ до 2030 година, нагласува Маричиќ. дма/

Фото: Фејсбук на Бојан Маричиќ

Остани поврзан