• четврток, 19 декември 2024

Маричиќ во рамки на караванот „Ние сме Европа“ во посета на Куќата на Робевци

Маричиќ во рамки на караванот „Ние сме Европа“ во посета на Куќата на Робевци

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во рамки на караванот „Ние сме Европа“ во Охрид, ја посети Куќата на Робевци.

-Нашата цел и задача е да се заштитува македонското културно наследство,  да се обезбеди национално знаење и да се зачува македонскиот идентитет во рамки на европското семејство. Почитувањето на различните културни и традиционални вредности е една од клучните вредности во Европската унија, изјавува Маричиќ, информираат од неговиот кабинет.

Македонскиот интегриран идентитет, посочува Маричиќ, значи идентитет кој се промовира и заштитува рамо до рамо со останатите, идентитет кој е жив, кој се развива и постојано се засилува токму преку зачувување на културното и природното богатство. Идентитетот на државата која се грижи за своите корени и историја, но и се отвора кон нови идеи и влијанија е тој што добива почит од сите нас, но и од пошироката светска јавност.

- Сведоци сме на изложените артефакти пронајдени на локалитети во градот Охрид (Плаошник, Горна Порта, Самоилова Тврдина и др.) и поширокиот Охридски регион. Предмети кои потекнуваат од различни периоди, почнувајќи од раниот неолит, останатите праисториски епохи, антиката, па се до средниот век. Во собата се изложени златни и позлатени предмети со временска припадност од 7. век пне до 4. век од н.е. И доколку сме успеале да ги пронајдеме и заштитиме, наша цел е да создадеме услови да ги пренесеме во македонската колективна меморија, посочува Маричиќ.

При посетата во куќата на Робевци, заедно со Маричиќ, присустуваа и амбасадорот на Република Словенија Грегор Прескер и директорот на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски заедно со директорката на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид, Ирена Шајн.​ аа/вј/

Фото: СЕП

Остани поврзан