• среда, 18 декември 2024

Маричиќ: Важно да се подобри ефикасноста на администрацијата и да се задржат добрите луѓе

Маричиќ: Важно да се подобри ефикасноста на администрацијата и да се задржат добрите луѓе
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ смета дека не е добро да се става фокусот на кратење на јавната администрација само поради кратење и дека е поважно да се подобри ефикасноста на администрацијата и да се задржат добрите луѓе. Маричиќ во гостувањето на „Топ тема“ на Телма, посочи дека има голем број на вработени во администрацијата, но и дека на одредени места нема доволен број на вистински, стручни и професионални кадри. - Процесот на реформа на јавната администрација надминува мандат на било која влада и мора да се одвива со политичка поддршка од сите партии, за да не се собираат врз база на тоа ситни политички поени. Затоа е тешко и оди споро. Правиме напори за подигнување на стандардот во администрацијата, тоа значи повисоко ниво на плата, таму каде што е тоа можно и колку е можно, но и користење на функционалните анализи за да се направи рез, изјави Маричиќ. Во процесот на преговорите, Маричиќ најави дека ќе се искористи и граѓанскиот сектор, посочувајќи дека веќе имал состанок со Советот за соработка на Владата и граѓанските организации, каде што побарал да предложат модел, како да се воспостави соработка и комуникација, на кој начин тие може да учествуваат. Тој додаде дека Владата веќе има ангажирано и странски експерт, кој ќе помогне во изработката на механизам за соработка меѓу невладините и Владата во делот на преговорите и дека сериозниот капацитет кој го имаат невладините организации ќе биде искористен од државата во текот на преговорите. - Институциите имаат капацитети, но некаде тие не се доволни. Сите институции почиваат на одредена бројка на службеници кои си ја работат својата работа и работат и повеќе од тоа. Имаме капацитет за почеток на процесот, но за да држиме динамика и континуитет потребно ни е повеќе и подобро да работат, но и да се вработат нови луѓе кои се стручни, изјави Маричиќ. Според Маричиќ, опозицијата свесно блокира во Собранието закони изработени со поддршка од ЕК, посочувајќи дека Законот за Академијата за судии и јавни обвинители шест месеци се преговарал со Европската комисија и бил добиен како текст одобрен од нив. - Ставивме европско знаменце, легитимно, го има во НПА, го пуштивме во Собрание, но опозицијата го блокираше, рече Маричиќ, посочувајќи дека овој закон не е никаква лична, или партиска агенда, туку е добиен од Европската комисија по шестмесечни разговори. Решението на блокадата на Собранието, според вицепремиер,  е да се институционализира политичкиот дијалог за прашањата од скринигот и реформскиот план. -Ако го институционализираме политичкиот дијалог, во Националниот совет за европски интеграции, кој го предводи опозицијата и таму направиме формат за се што ќе се договори, да не биде потоа блокирано, тогаш имаме шанса, рече Маричиќ. аа/мд/

Остани поврзан