• четврток, 26 декември 2024

Маричиќ-Рејндерс: Владеењето на правото нема алтернатива, реформите мора да продолжат во интерес на граѓаните

Маричиќ-Рејндерс: Владеењето на правото нема алтернатива, реформите мора да продолжат во интерес на граѓаните

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврокомесарот за правда Дидиер Рејндерс на денешната средба во Скопје, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), разговарале за клучните теми за процесот на европска интеграција,како што се владеењето на правото и судските реформи.

-Соговорниците се согласија дека владеењето на правото и консензусот се клучни на патот кон ЕУ и дека Северна Македонија мора да го забрза усогласувањето со најдобрите практики и процедури на ЕУ, во оваа најважна област од преговарачкиот процес со ЕУ, се наведува во соопштението.

Вицепремиерот ја искористил приликата да се заблагодари за поддршката на ЕУ за Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите, како и во реформските процеси во областа на правдата, додавајќи дека интензивно се работи на исполнување на европската агенда, со цел побрз напредок на нашата држава на патот кон членство во ЕУ.

-Работиме на Патоказот за владеење на правото и во него ги опфаќаме сите суштински реформи кои се предуслов за градење на европски правна држава. Мораме да продолжиме со интеграцијата во ЕУ и побрзо да го реформираме македонското општество, бидејќи владеењето на правото нема алтернатива, рекол вицепремиерот Маричиќ.

Зборувајќи за текот на подготовката на Патоказот за владеење на правото, вицепремиерот Маричиќ го брифирал Рејндерс дека е во напредна фаза и дека е направен детален и стратешки план во кој се рефлектира нашата визија и политичка заложба за реформи до 2030 година.

Рејндерс, како што информираат од СЕП, потврдил дека ЕУ ја поддржува земјава во спроведувањето на реформите и дека со заеднички сили ќе се работи на предизвиците и на сето она што ќе ја врати довербата во правосудниот систем, а тоа е подостапна правда, еднаквост на сите пред законот, борба против корупцијата и организираниот криминал. ев/бак/

ФОТО: СЕП

Остани поврзан