• четврток, 26 декември 2024

Маричиќ-Брегу: Целта ни е ЕУ, затоа е важно паралелно да работиме и на регионалната соработка

Маричиќ-Брегу: Целта ни е ЕУ, затоа е важно паралелно да работиме и на регионалната соработка

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на маргините на министерскиот ЕУ состанок на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), остварил средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

На средбата било разговарано за статусот на регионалните договори во рамки на Берлински процес, нивната имплементација и следните активности на Советот за регионална соработка, за кои вицепремиерот Маричиќ нагласил дека се „позитивен чекор кон подготовката на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ“.

Како што соопштија денеска од СЕП, вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ додал дека регионалната соработка е составен дел од европската интеграција и клучна во достигнувањето на членството во ЕУ. Во тој контекст укажал дека за Северна Македонија останува регионалата соработка да е еден од надворешнополитички приоритети и дека ќе продолжи да биде конструктивен партнер на Советот за регионална соработка.

- Ќе продолжиме како земја да придонесуваме во подобрувањето на регионалната соработка и активно да работиме во рамки на иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан, од кои конкретни бенефити имаат македонските граѓани и македонската економија, рекол Маричиќ.

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, ја потврдила заложбата и посветеноста на Северна Македонија на регионалната соработка и препознавањето на важноста на договорите кои беа потпишани на Самитот на Берлинскиот процес, во ноември минатата година.

- Таа упати благодарност до македонската Влада за поддршката што ја дава на работата на Советот за регионална соработка и брзата ратификација на договорите во македонското Собрание, со надеж дека целосно, во сите земји, ќе бидат имплементирани до октомври, кога е планиран следниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана, стои во соопштението од СЕП.

Најавија дека вицепремиерот Бојан Маричиќ денеска во Бечиќи ќе се сретне и со неговата колешка од Албанија, Олта Џачка. цр/дма/

Фото:СЕП

 

Остани поврзан