• среда, 25 декември 2024

Марин се кандидира за втор мандат за градоначалник на Аеродром

Марин се кандидира за втор мандат за градоначалник на Аеродром
Скопје, 5 јули 2021 (МИА) - Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска и официјално во просториите на ОО СДСМ Аеродром ја доставил кандидатурата за уште еден мандат. Тој им се заблагодарил на членовите во сите месни одбори кои му ја дадоа поддршката за нов градоначалнички мандат. - Во првиот мандат како градоначалник на Општина Аеродром ми беа потребни многу труд, време и енергија да се согледаат низата пропусти, аномалии, а воедно и да се постават вистинските цели, визии како и главната мисија со која веќе се промовираме како Општина лидер во земјата и во регионот со сигурна европска иднина. Затоа, гледам многу причини заедно со жителите на Општина Аеродром да продолжиме да го одиме овој пат, изјавил градоначалникот Марин, стои во денешното соопштение од Општина Аеродром. Според него, општ е впечатокот дека жителите на Аеродром чувствуваат позитивни поместувања во текот на овие четири години во насока на градење современа општина. Потенцирал дека и покрај пандемијата, Општината успеала да реализира огромен број проекти од сите сфери клучни за подобар живот на граѓаните. - Секоја година се делат субвенции за набавка на инвертер клими и велосипеди, а за уште почиста животна средина се засадени околу 15 илјади садници од различен вид, а главната цел е да се стигне до бројка од 100 илјади, односно за секој жител по една садница. Исто така, Општината набави и прочистувачи за сите градинки со цел да осигураме чист воздух за нашите најмлади без оглед на објективните атмосферски влијанија, изјавил Марин. Сето тоа, според него влијаело на фактот, оваа година да има енормно намалување на загадувањето на воздухот кое најмногу го почувствуваа жителите на Аеродром. Градоначалникот Марин од капиталните проекти ги издвоил изградбите на двете детски градинки, изградбата на целосно новиот објект на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, доградба на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче, реконструкција на простории во училиштето „Ѓорѓија Пулевски“, целосно реновирање на училиштето „Блаже Конески“, преработени паркинзи, целосно обновени, реконструирани и модернизирани паркови во населбата Мичурин и паркот „Бојмија“ во населбата Острово. Се осврнал и на низа урбани паркови и скверови во населбата Стар Аеродром, повеќе од половина од отворените спортски игралишта се преработени со најсовремена и единствена во државата ергономска подлога за безбедно спортување на жителите, детските игралишта кои добија нови и безбедни реквизити и меки подлоги за безгрижна игра на најмладите, согласно со сите европски и светски стандарди. Што се однесува до хигиената во рамките на имплементацијата на европските стандарди, Општина Аеродром, истакнал Марин, се приклучи кон движењето Нула отпад – Европа и го зедовме најдобриот пример од Словенија, односно почнавме спроведување на одржувањето на јавната хигиена по теркот на градот Љубљана кој е актуелна зелена престолнина на Европа. Во тој контекст, потсетил дека е изработен проактивен портал www.higi-aerodrom.mk, преку кој се настојува во најкус можен рок да се интервенира по реакциите на жителите во однос на хигиената. - Воедно, сакам да ги истакнам вложувањата во специјализирана опрема, односно најсовремени машини за чистење и одржување на јавната хигиена која секојдневно се на терен, посочил Марин. Во моментов, Општината остварува стратегиска соработка со невладиниот сектор, а воедно преку новоформираното јавно претпријатие е во директна комуникација со претприемачки настроени жители и бизнис-заедницата, така што Општина Аеродром има повеќе од 100 проекти со локално економско значење. - Продолжуваме со уште посилно темпо и во наредните четири години, истакнал градоначалникот Марин по предавањето на кандидатурата за втор мандат, стои во соопштението од Општина Аеродром. цр/са/

Остани поврзан