• среда, 15 јануари 2025

Маринакис: Претседателот или претседателката на Грција треба да биде личност која обединува

Маринакис: Претседателот или претседателката на Грција треба да биде личност која обединува

Атина, 14 јануари 2025 (МИА) – Претседателот или претседателката на државата треба да биде личност која обединува и зрачи со авторитет, a обединувачки личности кои зрачат со авторитет постојат во сите политички простори: во централно-левичарскиот, во централниот и во централно-десничарскиот, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис за грчката телевизија ЕРТ во однос на кандидатот за претседател на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис потсети дека грчкиот премиер најави дека владиниот предлог за претседател ќе го соопшти во втората половина на јануари, „што значи дека сме блиску“ и дека одлуката на Мицотакис нема да задоцни.

Грчкиот премиер утре ќе се сретне со претседателката Катерина Сакеларопулу во рамките на нивните редовни месечни средби, но овој пат во Грција се толкува поинаку, со оглед на тоа дека истекува петгодишниот мандат на шефицата на државата.

Претседател во Грција одбира Парламентот по предлог на Владата, а Мицотакис засега ги чува затворени картите и не се знае дали ќе ја предложи Сакеларопулу за втор мандат или пак ќе одбере друга личност.

Од почетокот на годинава, личноста што ќе биде кандидат за претседател е главна тема во грчките медиуми, кои повремено излегуваат и со конкретни имиња, но без да постои конкретна и официјална потврда.

Опозициската СИРИЗА вчера ја соопшти својата кандидатка, поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК и почесен професор по економија на атинскиот Универзитет, Лука Кацели која изјави дека ја прифаќа кандидатурата, а денеска се сретна со претседателот на партијата Сократис Фамелос.

Согласно Уставот, претседателот во Грција го одбира Парламентот по предлог на Владата, најмалку еден месец пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, а предвидени се најмногу три гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Со уставните измени на крајот на ноември 2019 година, изборот на претседател се одвои од предвременото распуштање на Парламентот, за да се избегне реприза на она што се случи во 2015 година, кога недоволниот број гласови за претседателскиот кандидат доведе до предвремени избори во земјата.

Сега, при гласањето во Парламентот доколку кандидатот не добие двотретинско мнозинство, гласањето се повторува по пет дена, а доколку и при второто гласање не се постигне потребното мнозинство, ќе се одржи и трето, по пет дена и во тој случај се избира претседател на државата кој добил мнозинство од три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници.

Соодветните процедури би требало да започнат најдоцна до 13 февруари.

Актуелната претседателка во 2020 година, на предлог на Владата на Нова демократија беше избрана при првото гласање, со широко мнозинство, односно со поддршка од три партии и со 261 глас, 61 повеќе од неопходниот минимум. ср/сд/

Остани поврзан