• среда, 25 декември 2024

Маринакис: Никогаш немаме кажано дека не постои притисок од мигрантските бранови, но ситуацијата во Грција е подобрена

Маринакис: Никогаш немаме кажано дека не постои притисок од мигрантските бранови, но ситуацијата во Грција е подобрена

Атина, 21 октомври 2024 (МИА) – Никогаш немаме кажано дека не постои притисок или дека не постојат тешки денови, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, говорејќи за мигрантските бранови во земјата и посочи дека има денови со поголем, денови со помал притисок, но генерално, „Грција е во многу подобра ситуацијата во изминатите пет години и споредбено со други земји“, јави дописничката на МИА од Атина.

Како пример спомена дека за еден ден во Лампедуза биле регистрирани над 800 пристигнувања на нелегални мигранти, додека „еден лош ден за Грција има околу 150 пристигнувања“.

- Секако дека постои проблем, во цела Европа постои проблем, но Грција успеа да се справи на најдобар можен начин. Исполнетоста на капацитетите на центрите не е на црвено ниво. Повеќе не се чека две – три години како што беше во минатото за да се одобри азил или да се отфрли барањето за азил, рече Маринакис.

Во однос на враќање на нелегалните мигранти објасни дека се однесува на оние кои биле одбиени за добивање азил и рече дека потребно е целиот процес да се забрза.

Од друга страна, доколку се анализираат официјалните соопштенија од крајбрежната служба на Грција, само во текот на вчерашниот ден, во пет одвоени случаи на пет локации, односно на острови во близина на турското крајбрежје пристигнале 178 бегалци и мигранти.

Само на островот Карпатос биле откриени 86 мигранти, а подоцна пронајдени и уапсени и нивните криумчари, вкупно шест лица.

Дополнително, како што утрово објави МИА, во несреќа со чамец со мигранти, што во текот на ноќта се случи во близина на островот Самос животот го загубија еден маж и една жена, а спасени беа 22 лица. ср/

Остани поврзан