Мареска скромно: Челси не е во трка за титулата
- Менаџерот на Челси, Енцо Мареска изјави дека лондонскиот фудбалски клуб може да доминира во Премиер лигата во следните пет до 10 години, објави денеска Би-Би-Си.
Лондон, 3 декември 2024 (МИА) - Менаџерот на Челси, Енцо Мареска изјави дека лондонскиот фудбалски клуб може да доминира во Премиер лигата во следните пет до 10 години, објави денеска Би-Би-Си.
Челси моментално е на третото место на табелата во Премиер лигата, со девет бода помалку од првопласираниот Ливерпул. Британските медиуми потсетуваат дека Мареска во неколку наврати ја отфрлаше можноста неговиот тим да ја освои титулата оваа сезона.
-Не сме во трка за титулата. Не сме, тоа е мое мислење, рече Мареска.
Менаџерот на Челси истакна дека смета дека неискуството на тимот, чија просечна возраст е нешто повеќе од 23 години, е причина за нешто полоши резултати сезонава.
-Она што им го кажав на сопствениците и на спортските директори кога првпат ги запознав беше дека мислам дека, поради возраста и поради тоа колку е добар овој тим, во следните пет до 10 години Челси ќе биде еден од тимовите, или тимови, кои ќе доминираат во англискиот фудбал, изјави Мареска.
Тој истакна дека Челси оди во вистинска насока.
-Без разлика кој ќе биде тренер, во следните пет или 10 години, поради нивната возраст, тие можат да доминираат во англискиот фудбал. Јас го кажав тоа и го мислам и сега. Во однос на целите, тие не побараа ништо, само да се обидеме да изградиме нешто во следните неколку години. Мислам дека одиме во вистинска насока, истакна Мареска.
Фудбалерите на Челси утре ќе гостуваат кај Саутемптон во 14. коло од Премиер лигата. дс
Фото: Принтскрин