• среда, 25 декември 2024

МАН со реакција на соопштението на ЗНМ и ССНМ за случајот со Фуркан Салиу

МАН со реакција на соопштението на ЗНМ и ССНМ за случајот со Фуркан Салиу

Скопје, 8 април 2024

Македонската асоцијација на новинари (МАН) е непријатно изненадена од соопштението на ЗНМ и ССНМ во кое упатуваат јавна поддршка за Фуркан Салиу кој извршил/учествувал во напад врз службени лица, и кој носел оружје полно со муниција, а кого сакаат да го подведат во општествено одговорната и законски регулирана дејност – новинар и новинарство. 

Во случајот со Фуркан Салиу, ЗНМ и ССНМ се преставија како парановинарски организации кои заштитуваат и промовираат вооружување на своите членови.

-Наместо да упатат јавна осуда за однесувањето на Фуркан Салиу и фактот дека во своја близина носел оружје полно со муниција, ЗНМ и ССНМ го поддржуваат во својство на новинар. 

Уште позастрашувачки е фактот дека ЗНМ и ССНМ јавно го бранат Фуркан Салиу дека извршувал професионални обврски, како новинар.

Дали ова значи дека ЗНМ и ССНМ имаат/ тренираат/ обучуваат паравоени, параполициски, паранавивачки формации во своите редови?

Дали ова значи дека имаат вооружени членови чие однесување не може да се предвиди во ниеден момент, дури и кога треба да бидат проверени од државните институции?

За што всушност ЗНМ и ССНМ одржуваат обуки за своите членови? За вежбање по стрелани, носење пиштоли со муниција, отпор кон проверки од државните органи? За што ги обучуваат своите членови?

Инцидентот со Фуркан Салиу е кривично-правен настан. 

Единственото оружје на новинарите и сите медиумски работници е слободата на говорот и изразувањето.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги прашува ЗНМ и ССНМ зошто упорно шират лажни вести за да делуваат користољубиво за лични и предизборни партиски потреби, користејќи го Фуркан Салиу за наведените цели?

Македонската асоцијација на новинари (МАН) потсетува дека токму заради ЗНМ и ССНМ, Фуркан Салиу не е новинар според позитивните законски прописи, кои токму тие ги блокираат со години.

За тоа постои и судска пракса во случајот со Горан Трпеноски од редакцијата на СДК.МК, повторно благодарение на ЗНМ и ССНМ.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) е непријатно изненадена од комфоноста на ЗНМ и ССНМ да создаваат јавна перцепција на осуда и хајки, што го гледаме со децении наназад. 

Но, тоа не ги прави заштитници на новинарите и медиумските работници, уште помалку почитувачи на Уставот и Законите во Македонија. Напротив.

Заради ЗНМ и ССНМ, нивниот член Фуркан Салиу се довел себеси во очајна, незавидна ситуација да носи со себе огнено оружје со муниција (што со закон е забрането) и да изврши напад врз службени лица (а можел да биде службено лице, доколку ЗНМ и ССНМ не ги блокираа измените во медиумските закони). 

За Македонската асоцијација на новинари (МАН) е застрашувачки фактот дека новинарите живеат под толкав страв и репресија во овие седум (7) години, што членот на ЗНМ и ССНМ Фуркан Салиу решил да има кај себе и во своја близина - оружје полно со муниција.

Македонска асоцијација на новинари (МАН)

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Лого

Остани поврзан