Манчестер Јунајтед без Онана на натпреварот против Њукасл
- Голманот на Манчестер Јунајтед, Андре Онана не е вклучен во составот за денешното гостување против Њукасл Јунајтед, објавија медиумите во Англија.

Манчестер, 13 април 2025 (МИА) - Голманот на Манчестер Јунајтед, Андре Онана не е вклучен во составот за денешното гостување против Њукасл Јунајтед, објавија медиумите во Англија.
Камерунскиот голман беше прогласен за главен виновник за ремито 2-2 со Олимпик Лион во четвртфиналето на Лига Европа оваа недела, откако не успеа да направи добра одбрана на ниту еден од двата гола на францускиот тим. Поради неговите неконстантни настапи, тој не беше вклучен во составот за претстојниот натпревар од менаџерот Рубен Аморим, кој му даде време за одмор и прегрупирање.
Алтај Бајандир ќе биде на голот на „црвените ѓаволи“. Турскиот голман, како и Онана, пристигна на „Олд Трафорд“ во летото 2023 година, но досега одигра само неколку натпревари за тимот, на кои со својата игра остави многу добри впечатоци. Доколку започне како стартер, очекувано, Бајандир ќе дебитира во Премиер лигата.
Според Би-Би-Си, Онана наскоро ќе се врати на голот на Манчестер Јунајтед, а тоа би можело да се случи веќе во четврток за реваншот со Олимпик Лион. дс
Фото: Архива