• среда, 25 декември 2024

Манолева: Хируршките клиники да работат на итни и елективни пациенти, директорите со извештаи за сработени интервенции

Манолева: Хируршките клиники да работат на итни и елективни пациенти, директорите со извештаи за сработени интервенции

Скопје, 4 јуни 2024 (МИА) - Заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева денеска во изјава за медиуми рече дека утринава се сретнала со директорите на сите хируршки клиники, за да се види како е почнато преодното решение за надминување на проблемот со снабдување со компримиран гас од централната компресорска станица.

- Во петокот беше договорено хируршките клиники да почнат со работа и на итни, но и на елективни пациенти коишто чекаат интервенции со користење на компресори и со садови со компримиран воздух, требаше во текот на вчерашниот ден да бидат доставени од страна на „Заеднички служби“. Но, не беа доставени. Проблемот е надминат и во тек на денешниот ден истите тие садови со компромиран воздух со соодветни регулатори ќе бидат доставени до секоја од клиниките. Разговаравме и околу организацијата на работата на хируршките клиники. Имено со наредбата што вчера ја добија хируршките клиники, беа задолжени да организираат работа во две смени, сѐ со цел за да се продолжи периодот на интервенции во една сала, затоа што имаме ограничен број на надворешни компресори коишто може да ги користат операционите сали, појасни Манолева.

Како што рече таа, било договорено, на пример, да работи една наместо две операциони сали, но, во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали.

- Дополнително на ова со директорите на хируршките клиники, а во консултација претходна и со раководството на ФЗО и БЈН, беше договорено дека директорите треба да отпочнат постапка за итна набавка на надворешни компресори со што реално би го надминале овој проблем сѐ до конечно решавање на проблемот за снабдување со централен компримиран воздух. Исто така, на овој состанок утринава побарав од директорите да започнувајќи од утре, веќе почнат да доставуваат извештаи за сработени итни, елективни интервенции, коишто се направени на секоја од клиниките посебно, а истовремено и тоа на дневно ниво, а истовремено на неделно ниво да се доставува извештај за да побаран, но и обезбеден персонал којшто го побарале ГОБ и „8 Септември“ до хируршките клиники и можноста за испраќање соодветен потребен персонал, рече Манолева.

Таа додаде дека само две од хируршките клиники не се докомплетирани и очекуваат во текот на денешниот ден и утре да бидат и тие комплетирани со соодветни надворешни компресори и боци со комрпомиран воздух со што практично, според неа, ќе може да се задоволат најголем дел од потребите на хируршките клиники многу бргу.

Манолева, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека нема доволен број компресори затоа што компресорите се набавувани како резервна варијанта од секоја од клиниките. Не било предвидено дека може да настане ваков дефект и според неа, треба да бидеме реални со овој проблем којшто го имаме.

- Но, сметам дека со набавка што нема да биде голема, секоја од клиниките да набави по еден, два или три компресори, мислам дека ќе се задоволат комплетните потреби на секоја од хируршките клиники. Сугерирав до директорите да набават и резервни компресори, за да може во случај, да нешто од тоа откаже, да може да се замени со резервна варијанта, истакна Манолева.

Таа беше прашана што е со вчерашните експерти кои вршеа увид околу проблемот со хируршките сали на Клинички центар.

- Немам никаква најава во однос на техничките причини за сѐ ова што се случува на хируршките клиники. Но, знаејќи дека тоа е постара инсталација, сметам дека и кажав уште и во саботата, дека ЈУ Заеднички служби за потребите на здравството треба да се задолжи да во најбрзо време направи замена на компресорската станица со нова компресорска станица на друга локација, но исто така и замена на целокупната инсталација за довод за кислород и компримиран воздух со што би добиле најсоодветно и најадекватно решение. Но, исто така би побарала и да се достави план за динамика на спроведувањето на сите овие активности. Можам да кажам дека директорот на ЈУ Здравствени служби, ме информираше дека имаат предвидено набавка на два компресора за компресорската станица, но веќе се поставува прашањето дали треба да се набават тие два компресора или треба да се набави нова компресорска станица што ќе го реши реално проблемот, одговори Манолева.

Таа кажа дека предметот е во Јавното обвинителство и би оставила на надлежните институции да проверат и да кажат каде е одговорноста.

- Она што е одговорност треба да го кажат други, но, она што е моја задача, лично, сметам дека ја извршувам одговорно и се трудам овој проблем да го надминеме колку што е можно побргу и колку што е можно со помали последици пред сѐ, за нашите пациенти, нагласи Манолева. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан