• сабота, 23 ноември 2024

Манифестација „Самун ем татлија“ од утре во Радовиш

Манифестација „Самун ем татлија“ од утре во Радовиш
Радовиш, 29 септември 2022 (МИА) - По две години пауза утре во Радовиш повторно се организира традиционалната манифестација „Самун ем татлија“. Годинава во рамки на манифестацијата ќе се одржи и Меѓународниот фолклорен фестивал „Радовишки собор“. Како што информираше градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов, на фестивалот ќе настапат фолклорни ансамбли од земјава и странство, а тридневната забава ќе ја збогатат повеќе естрадни уметници од земјава. -Целата забава ќе биде придружена со нашиот познат гастрономски специјалитет, радовишкиот самун. Тој ќе биде послужуван на еден уреден простор во центарот на градот, каде сите посетители ќе најдат свое место за забава и дружење и заедно да го славиме животот по двете години пандемија, рече градоначалникот Ристов. Двата радовишки гастрономски брендови-самунот и татлијата се во центарот на оваа манифестација, а покрај тоа организаторите најавуваат и богата програма со разни жанрови и содржини со што ќе привлечат поголем број гости од земјава и странство. Годинашната манифестација ќе трае до 2 октомври, а се одржува под покровителство на Општина Радовиш. Во текот на манифестацијата во минатото се случувало да се продадат и по 40 илјади самуни. рт/мд/

Остани поврзан