• четврток, 26 декември 2024

Мандиќ: Ѓукановиќ мора на демократски начин да се отстрани од функцијата претседател на Црна Гора

Мандиќ: Ѓукановиќ мора на демократски начин да се отстрани од функцијата претседател на Црна Гора

Подгорица, 8 март 2023 (МИА) - Претседателскиот кандидат на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, за изборите во Црна Гора, на предизборен форум во Даниловград изјави дека Мило Ѓукановиќ мора демократски да биде сменет од претседателската функција и додаде дека е сигурен оти граѓаните ќе гласаат како што гласаа на 30 август 2020 година и во октомври на локалните избори низ цела Црна Гора.

-Собранието беше ослободено од поранешниот режим во 2020 година, ослободена е и владата, а остана уште едно упориште, кое се вика претседател на Црна Гора. Бараме да бидеме многу подобра и почесна влада од онаа што ја имаше Ѓукановиќ, тоа е нашата основна идеја, рече Мандиќ.

Тој наведува дека желбата на политиката што ја застапува е да ја вработи цела Црна Гора.

-Поставивме неколку амбициозни проекти, особено во градовите каде што има големи компании, како што се Пљевље и Никшиќ. Побаравме во тие градови до следните локални избори ниту еден човек да не биде на бирото. Имаме многу идеи како да отвориме нови работни места, објаснува Мандиќ.

Тој посочи дека привлекувањето инвеститори е можно со чесна политика и без корупција.

-Првиот морален столб на кој треба повторно да се изгради Црна Гора е да се помири. Луѓето во една заедница мора прво да имаат добри односи и ние подадевме рака и ги поканивме сите оние луѓе кои гласаа за ДПС да се помират, за разлика од оние кои гласаа со години и кои се обидуваа да не повредат и дискриминираат. Доаѓаме како нови победници и нема да се однесуваме како нив. Тоа е добра основа на која сите заедно можеме да изградиме нова Црна Гора, рече тој.

Мандиќ изрази очекување дека ќе ја добие довербата од народот за утре како претседател, претставувајќи ја Црна Гора, да застане пред сите со исправен рбет, знаејќи дека доаѓа од мала, но чесна и доблесна држава.

-Мора да се смени многу од она што го воспостави системот на Ѓукановиќ. Бараме секој граѓанин да биде подготвен да работи за да го издржува своето семејство и со тоа да не зависи од никого, заклучи Мандиќ, пренесе порталот РТЦГ.сд/

Остани поврзан