• четврток, 19 декември 2024

Манастирот во Рајчица низ фотографското око на Стефан Рајхл

Манастирот во Рајчица низ фотографското око на Стефан Рајхл
Дебар, 16 август 2022 (МИА) - Во Бигорскиот метох, женскиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, континуирано течат градежните активности околу новиот, како и целосната реконструкција на стариот конак и манастирскиот двор, но и некои поправки во храмот на Светецот. И покрај тоа овој божји храм секојдневно го посетуваат голем број верници и граѓани. Еден од нив е Стефан Рајхл, еден најдобрите професионални фотографи, кој направил фотографии од работната атмосфера кои се објавени на сајтот на овој и на Бигорскиот манастир. -Дел од работната атмосфера во дворот на Светиот Георгиј, вешто беше доловена преку објективот на еден од најдобрите професионални фотографи, кој е воедно и добар пријател на нашите монашки Обители, Стефан Рајхл, пишува во објавата под наслов „Рајчица низ фотографското око на Стефан Рајхл“. Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник. Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Се до 1945 година во манастирот опстојувало братство кое било забрането од комунистичката власт. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на г. Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир со братството, манастирот беше возобновен, а воедно беше возобновено и женското монашко сестринство. Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј. Уште истата година во Солун е изработено сребрено ковчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение. За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црквиче, кое го бакнува и мало и старо и му се поклонува. „Свети Ѓорѓи Победоносец“ е еден од најубавите македонски манастири, зашто ако има место каде што природата ги дарувала сите убавини, тоа, секако е селото Рајчица, што потсетува на рај, каде се извишува манастирот. Чистиот воздух и погледот врз ширта на Дебарско Езеро само ја надополнуваат убавата глетка на уште поубавиот манастир. вт/мд/

Остани поврзан