• среда, 18 декември 2024

Малезискиот суд ги отфрли обвинувањата за злоупотреба на власта против поранешниот премиер Мухидин Јасин

Малезискиот суд ги отфрли обвинувањата за злоупотреба на власта против поранешниот премиер Мухидин Јасин

Куала Лумпур, 15 август 2023 (МИА) - Малезискиот суд денеска ги отфрли обвинувањата за злоупотреба на власта против опозицискиот лидер и поранешен премиер Мухидин Јасин, нарекувајќи ги „нејасни, недоволни и неосновани“, објавија британските медиуми, цитирајќи ја државната новинска агенција Бернама.

Мухидин, кој ја водеше Малезија 17 месеци помеѓу 2020 и 2021 година, во март беше обвинет за четири точки за злоупотреба на моќта. Високиот суд во Куала Лумпур одлучи дека обвиненијата не прецизираат детали за наводните злосторства, објави малезиската новинска агенција.

-Врз основа на ова, обвинетиот е ослободен и аболициран, изјави судијата Мухамед Џамил Хусин.

Мухидин се соочува и со две точки од обвинението за перење пари во истиот случај за примање мито во вредност од 232,5 милиони рингити (50,24 милиони американски долари), што тој целосно го негира.

Поранешниот премиер изјави дека одлуката на судот докажува дека обвиненијата против него се измислени и дека тој не направил никакво злосторство.

Неговиот адвокат рече дека е уверен оти преостанатите обвиненија, исто така, ќе се сметаат за неосновани со оглед на денешната судска одлука.

Мухидин и неговата партија се под истраги за поткуп откако загубија на националните избори во ноември, при што нивните банкарски сметки беа замрзнати. Поранешниот премиер, кому во моментов му е забрането да ја напушта земјата, го обвини актуелниот премиер Анвар Ибрахим за политичка одмазда, тврдења кои Анвар ги негира.

Мухидин го предводи опозицискиот блок во Малезија, конзервативен сојуз кој расте во популарност и ја предизвикува коалициската влада на Анвар. На регионалните избори за време на викендот, неговиот блок доби силна поддршка во државите каде што обично доминира коалицијата на Анвар.

фото: МИА архива

Остани поврзан