• сабота, 09 ноември 2024

Макрон: Нема да поднесам оставка без разлика на резултатот од француските избори

Макрон: Нема да поднесам оставка без разлика на резултатот од француските избори

Брисел, 11 јуни 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека нема да поднесе оставка без разлика на исходот од претстојните парламентарни избори во Франција.

Макрон, кој најави распишување парламентарни избори по тешкиот пораз на неговата партија „Препород“ на изборите за Европскиот парламент во Франција и победата на крајнодесничарската партија Национален собир, рече дека „не е Националниот собир тој што го пишува Уставот. "

-Институциите се јасни, како и местото на претседателот без разлика на резултатот, рече Макрон за француски Фигаро, пренесе Политико.

Францускиот претседател во неделата вечерта, веднаш по добивањето на првичните резултати од изборите за ЕП, го распушти францускиот Парламент и најави парламентарни избори за 30 јуни и 7 јули.

Групата „Обнови ја Европа“, на која припаѓа и партијата „Препород“ на Макрон, претрпе големи загуби на изборите за ЕП, како и групата што ги обединува зелените партии.

Од друга страна, групите кои ги здружуваат екстремно десничарските и десничарските партии, меѓу кои „Идентитет и демократија“, чие заштитно лице е Националниот собир на Марин Ле Пен, го зголемија бројот на мандати. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан