• петок, 27 декември 2024

Макрон - Меркел: Подготвени за поддршка на Србија и Косово во наоѓање решение

Макрон - Меркел: Подготвени за поддршка на Србија и Косово во наоѓање решение
Париз, 10 јули 2020 (МИА) - Поради фактот дека нормализирањето на односите меѓу Белград и Приштина е многу важно за безбедноста и стабилноста во регионот, како и од големо значење за нивната европска перспектива, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел изразија подготвеност и понатаму да ги поддржуваат двете страни и ЕУ во наоѓање решение. Во соопштението, исто така, се најавува дека преговорите ќе почнат на 12 јули, прво преку видео конференција на двете страни, а потоа на 16 јули ќе се одржи првиот состанок, односно дијалог, во Брисел. Домаќини на тие состаноци ќе бидат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот и регионални прашања на Западниот Балкан, Мирослав Лајчак. Како што е наведено во заедничкото соопштение на домаќините на денешниот видео самит, Макрон и Меркел се подготвени повторно да организираат самит како денешниот, доколку е потребно, во некој натамошен период. На денешниот видео самит учествуваа српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Авдулах Хоти, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот и регионални прашања на Западниот Балкан, Мирослав Лајчак. Вучиќ и Хоти се договориле да го продолжат дијалогот, кој е прекинат во ноември 2018 година. Тој дијалог, како што се наведува во соопштението, ќе биде и понатаму поддржан од страна на ЕУ со цел нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина преку сеопфатен, конечен и обврзувачки договор. Српскиот претседател и косовскиот премиер се договориле да ги зајакнат напорите на многу полиња во рамки на Берлинскиот процес, како важна мерка за воспоставување доверба. Макрон и Меркел ги охрабруваат Вучиќ и Хоти во следните месеци да постигнат суштински напредок во преговорите. гт/

Остани поврзан