• понеделник, 18 ноември 2024

Макрон и Стармер во Париз го одбележаа Денот на примирјето или крајот на Првата светска војна

Макрон и Стармер во Париз го одбележаа Денот на примирјето или крајот на Првата светска војна

Париз, 11 ноември 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер присуствуваа на традиционалната церемонија за одбележување на крајот на Првата светска војна во Париз, „како знак на француско-британското пријателство“, објави денеска Ле Паризиен.

Британскиот премиер отпатува во Франција за да ја одбележи 106-годишнината од примирјето во Првата светска војна во 1918 година.

Двајцата државници направија обиколка на Шанзелизе, а потоа положија венци пред статуите на францускиот премиер Жорж Клемансо од Првата светска војна и британскиот премиер од Втората светска војна Винстон Черчил.

Шефот на француската држава и британскиот премиер положија цвеќе и на гробот на непознатиот војник на Триумфалната капија и повторно го запалија пламенот, кој од 1923 година се пали секој ден без прекин, а потоа ги поздравија ветераните и семејствата на борците кои загинаа за државата.

Макрон и Стармер претходно разговараа во Елисејската палата, а една од темите на разговор била Украина, соопштија од Елисејската палата.

Во врска со прашањето за Украина, според соопштението на француското претседателство, Макрон и Стармер ја потврдиле „нивната решеност да го поддржат (Киев) непоколебливо и онолку долго колку што е потребно“, додека продолжувањето на воената помош од Соединетите Американски Држави изгледа повеќе од кога било е доведено во прашање, со враќањето на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа.

Тие, исто така, ја повторија желбата да „продолжат со своите напори со сите регионални и меѓународни партнери“ за враќање на мирот на Блискиот исток, како и за континуирана соработка во борбата против миграцијата на Ла Манш, особено во „соочувањето со мрежите за трговија со луѓе“, соопшти Елисејската палата.

Двајцата се согласиле дека двете земји треба да ја зајакнат соработката на полето на вештачката интелигенција, заштитата и развојот на океаните и биолошката разновидност и климатските промени.

Пламенот на споменикот на Непознатиот војник во Париз никогаш не бил изгаснат откако првпат бил запален на 11 ноември 1923 година - секој ден се одржува церемонија за повторно разгорување. Посетата на британскиот премиер Стармер е симболична, бидејќи годинава се одбележуваат 120 години од потпишувањето на „Срдечниот договор“ меѓу Франција и Велика Британија. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан