• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Макрон ги извести лидерите на ЕУ за разговорот со Трамп

Макрон ги извести лидерите на ЕУ за разговорот со Трамп

Париз, 26 февруари 2025 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги информираше лидерите на земјите-членки на ЕУ за неговата посета на Вашингтон како дел од подготовките за вонреден самит следната недела.

„Многу успешна подготовка за вонредниот самит на 6 март, на кој ќе одлучиме за поддршка на Украина и зајакнување на европската одбрана“, најави претседателот на Европскиот совет Антонио Коста по видео-конференцијата на која присуствуваа лидерите на сите 27 земји-членки и претседателот на Европската комисија.

Коста побара вонреден самит следната недела кој ќе биде посветен на Украина и европската безбедност.

Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше три часа со американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот во Вашингтон.

По средбата тој изјави дека постигнувањето мир во Украина не смее да значи „предавање“ на Киев и инсистираше на потребата од „безбедносни гаранции“ за да се избегне Русија да изврши нов напад.

И покрај големите разлики во ставовите со американскиот претседател Доналд Трамп, Макрон рече дека е „убеден дека постои пат“ да се стави крај на војната во Украина.

Во четврток во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп ќе разговара и британскиот премиер Кир Стармер.

Потоа, Стармер ќе ги собере лидерите на неколку земји-членки на ЕУ во Лондон и ќе ги извести за разговорот со Трамп.

Европската унија и Велика Британија, која ја напушти ЕУ пред пет години, работат на заеднички план за одбрана на континентот. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан