• среда, 27 ноември 2024

Макрадули: Ќе продолжиме да работиме посветено, вработените не треба да бидат загрижени за исплатата на плати

Макрадули: Ќе продолжиме да работиме посветено, вработените не треба да бидат загрижени за исплатата на плати
Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) - На денешниот состанок ги уверивме двата синдикати дека како Управен одбор ќе продолжиме да работиме посветеново за добробит на сите. Ги уверивме дека не треба да бидат загрижени за финансиската стабилност за испплата на плати. Денеска уште утрово, во законски рок, како што е предвидено, беше исплатена платата за сите 2.400 вработени, истакна на денешната прес-конференција генералниот директор на АД „Пошта“ Јани Макрадули. Тој наведе дека на состанокот било договорено, по зголемувањето на минималната плата од 1 јануари, да се разговара како ќе го зголемат бодот, односно како да ја зголемат платата на вработените. Макардули истакна дека по денешниот протест на вработените во АД „Пошта“ во Охрид, одржал состанок со претставници од двата синдикати, каде нагласил дека откако е составен новиот Управен одбор, од 11 ноември досега се потпишани 87 договори со нови комитенти. - Воведена е за прв пат електронската трговија каде што во овој момент има 14 коминтенти коишто продаваат производи преку нашата платформа, воведени се нови услуги, воведена е флексибилната достава. АД „Пошта“ на Северна Македонија има најбрза и најефтина цена за достава, како во Скопје, така и низ земјата. Вложивме како инвестиција ќе ни има и во новиот шопинг мол „Ист гејт“ каде што воведуваме нова услуга со „ќеса на адреса“ и со сите тие услуги ги уверивме претставниците на синдикатите да не се грижат за идинината и вработените да не се грижат како за своите работни места, така и за платата, бидејќи сите овие постапки и чекори кои што се направени  носат резултати, потенцираше Макрадули. Тој додаде дека во првите шест месеци од оваа година зголемени се приходите од поштенски услуги од писмоносни приходи за 10,3 милиони денари, приходите од пакети зголемени се за 1,7 милиони денари, зголемена е продажбата на марки на филателистичкиот пазар и приходите се зголемени за 0,9 милиони денари. - За жал платниот промет којшто беше отежнат, односно не постоеше поради стечајот на „Евростандард банка“, сега го заживуваме со „Халк банка“, се уште во споредба со минатата година бележи загуби, но тенденцијата е дека сега веќе сме стигнати до неколку милиони трансакции, педесетина милиони денари од провизијата што ја имаме во однос 71/29, многу повеќе отколку што имаше во претходниот период со „Евростандард банка“, нагласи директорот на АД „Пошта“. Макрадули информираше дека во овие девет месеци се исплатени 70 милиони денари, што е, како што рече, за 30 милиони денари повеќе исплата кон компаниите во споредба со 2020 година.Тој додаде дека Управата има за цел една година после составувањето на овој Управен одбор, да нема повеќе долгови од 2020 година. - За да ги зголемиме приходите и да бидеме поприсутни, бидејќи мотото на овој управен одбор е „да ја вратиме Пошта кон граѓаните“ аплициравме во Министерството за информатичко општество и администрација да станеме е-точка за услуги бидејќи ние имаме мрежа, компијутерска и податочна на 335 места низ државава и на тој начин и Владата ќе биде потранспаретна и подостапна, но пред се на граѓаните ѓе им бидат олеснети некои услуги, рече Макрадули. Имено, како што претходно јави МИА, денеска вработените од подружниците на „Македонска пошта“ од Охрид, во нивно и во име на колегите од Струга и Дебар, преку протест ги посочија лошите услови за работа, како и пролонгираните исплати на месечните лични доходи на вработените. На денешниот протест во Охрид тие побараа навремена исплата на плати, одржлив развој, инвестирање и одржување во основните средства за работа, како во делот на платниот промет, така и во делот на достава. Според нив, исплатата на месечните лични доходи на вработените се пролонгира со задоцнувања од месец во месец, се работи со дотраени средства за превоз на поштенските пратки, како и несоодветни униформи, што сето заедно неповолно се одразува на квалитетот на услугите што ги дава субјектот. - Бараме од менаџерскиот тим да има посериозен пристап и да покажат разбирање дека сепак во прашање се егзистенцијални прашања на сите вработени...Да се преземат конкретни мерки и чекори за решавање на ваквата состојба и нормално функционирање на „Македонска пошта“, како што доликува на една ваква компанија која е од стратешки интерес на државата, изјави Тони Матески, претставник на Синдикатот на „Македонска пошта“. Тој посочи дека вработените се соочуваат со недостиг или несоодветно одржување на основните средства за работа, од соодветни компјутери, принтери, тонери, хартија, се до дотраеноста на средствата за физичка достава на пратки. см/сп/

Остани поврзан