• среда, 25 декември 2024

Македонците од Ербеле ја продолжија традицијата на одбележување на патронот на црквата

Македонците од Ербеле ја продолжија традицијата на одбележување на патронот на црквата

Дебар, 19 август 2024 (МИА) – Македонците од повеќе места во Република Албанија, во селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на македонската граница кај Дебар, ја продолжија традицијата на одбележување на големиот христијански празник, Преображение, што е патрон на селската црква.

Во божјиот храм „Свето Преображение“ кој датира од 12 век, се собраа Македонци од неколку села во областа, потоа оние по потекло од Ербеле, а кои денес живеат во Тирана, Драч, Елбасан, Маќелара, Тетово, Скопје и други градови.

- Дојдени сме од секаде каде не однела судбината, има дури и од Италија и Грција каде работиме и живееме. Традицијата не ја забораваме, колку и да сме, толку, но доволно да го одбележиме патронот на нашата црква, рече за МИА, Ернест Постоли чие семејство се грижи за црквата.

Додава дека покрај другото се кршела и погача со паричка, а најсреќна била младата Ирина Попи, чие семејство го презело кумството за наредната година. По потекло се од Ербеле а живеат во Сиричино,Тетово.

-Ноќта спроти празникот во оваа црква доаѓале и доаѓаат не само православни туку и муслимани. Спијат во овој божји храм и се молат за излекување од разни болести, зашто црквата има исцелителна моќ. Голем број луѓе тука го нашле лекот за својата болест, се излекувале, вели Постоли.

Некогаш во селото имало многу македонски семејства, но се иселиле па денес се две кои постојано живеат тука.

Црквата „Свето Преображение“ во 1970 година албанските власти ја прогласија за споменик на културата. вт/ир

Фото: Црква „Свето Преображение“ ФБ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан