• среда, 25 декември 2024

Македонците во Србија го одбележаа Илинден

Македонците во Србија го одбележаа Илинден

Јабука, 2 август 2024 (МИА) - И годинава претставници на бројните македонски здруженија во Србија, на Македонскиот национален совет, претставници од Министерството за малцински и човекови права, со полагање венци и цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Јабука крај Панчево, во истоименото училиште, им оддадоа почит на двата Илиндена, јави дописникот на МИА од Белград.

Најголемиот македонски национален празник покрај во Јабука се чествуваше со пригодна програма и во повеќето градови каде живее бројната македонска заедница, изјави Зорица Митровиќ, претседател на Македонскиот национален совет во Србија.

-Централната манифестација е во Јабука каде е најголемата концентрација на македонската заедница. Вчера Илинден беше одбележан во Ниш, Врање, Качарево, во Белград, а централната прослава одлучивме да ја одбележиме преку соработка на МПЦ-ОА и СПЦ. Организиравме литургија на македонски јазик во црквата Св. Пророк Илија во Јабука и ќе одржиме свечена седница на Националниот совет, изјави Митровиќ.

Според законските прописи кои ги регулираат празниците за малцинствата, 2 Август се признава како Државен празник за македонското национално малцинство во Србија и тој е неработен ден за Македонците, со можност за негово одбележување.

-Илинден е најголем празник на Македонците и значаен датум на македонското малцинство во Србија и обврска на Министерството за малцински и човекови права е овој празник заеднички со своите сограѓани да се одбележи. Наша задача е да ги поттикнеме во сите активности што ги преземаат и да им помогнеме, оти богатството на едно општество и на Србија е во различноста, изјави Александар Радосављевиќ, помошник-министер во Министерството за човекови и малцински права на Република Србија.

На барање на македонската заедница во Србија, во Јабука во православниот храм Св. Пророк Илија, се одржи првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник. Литургија ја одржа јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот Беркасово во Срем со благослов од надлежните епископи на Српската православна црква (СПЦ), сремскиот епископ Василиј и банатскиот епископ Никанор, како и архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. об/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан