• среда, 13 ноември 2024

Македонско-австриски бизнис форум во Скопје, потенцијал за нови инвестиции во енергетскиот сектор

Македонско-австриски бизнис форум во Скопје, потенцијал за нови инвестиции во енергетскиот сектор

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) -  Вкупните инвестициите од Австрија во државава надминале милијарда евра, во првата половина од годинава трговската размена бележи раст од 14, 58 проценти, но постои простор за уште поголема соработка бидејќи е евидентиран негативен биланс од 49,4 милиони долари. 

Австриски и домашни бизнисмени денеска на бизнис форум во Скопје ги разгледуваат можностите за нови инвестиции и соработка во енергетскиот сектор како еден од најважните во бизнисот во глобален контекст, како и во телекомуникациската област, инженерството, дизајнот и заштитата на животна средина.

Јадранка Аризанковска, советник за ЕУ интеграции во Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека има голем интерес од австриски компании од области што се знајачни за државава.

На форумот, што Комората го организира со Трговското одделение при австриската Амбасада во Скопје присутни се претставници на компании од енергетиката, телекомуникациите,  производители на електромоторни вентили за електрани за гас и пареа, за биомаси...

-Австрија е наш долгогодишен и докажан партнер во економската соработка. Вкупната трговска размена во периодот јануари – јули 2023 година изнесува 164,3 милиони американски долари, што претставува раст од 14,58 проценти во однос на истиот период минатата година. Притоа остварен е раст од 10,23 проценти во извозот што изнесува 57,4 милиони американски долари, а увозот бележи раст од 70,06 проценти и изнесува околу 106,8 милиони американски долари. Согласно статистичките податоци за период јануари - јули 2023 гледаме дека постои простор за уште поголема соработка, бидејќи е евидентиран  негативен биланс во трговската размена од 49,4 милиони американски долари, изјави Аризанковска.

Иако Австрија годинава е наш 20. трговски партнер годинава,  како што рече Аризанковска, сепак податоците од Централниот регистар потврдуваат дека во суштина е втор најголем инвеститор и инвестициите во 2022 година од страна на австриските компании изнесуваат 146,66 милиони евра. 

Јута Валтер, трговско аташе на Австрија за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, потенцираше дека постои голем потенцијал за  соработка на австриските и македонските компании. Очекува да продолжи растот во размената и инвестиците.

-Претставништвото на  Трговската комора е многу гордо што може да каже дека најголеми инвеститори во Македонија се австриските фирми и инвестиците од Австрија веќе надминуваат милијарда евра, што е извонреден податок. Одушевени сме што е така. И покрај сите овие добри вести  продолжуваме да работиме на натамошен развој и подобрување, рече Валтер.  

На  форумот учествуваат компании од повеќе дејности, но клучен, како што рече, ќе биде енергетскиот сектор, од кој се присутни повеќе фирми од Австрија кои ќе имаат директни средби со македонски фирми. 

- Енергетскиот сектор станува еден од најважните во бизнисот во глобален контекст. Верувам дека присутните фирми ќе имаат плодна дискусија која ќе резултира со активности и идни бизис зделки. Ова е позитивен чекор во насока на соработката меѓу двете држави, рече Валтер.

Најголемите досегашни инвестиции од Австрија во државава се од електроенергетскиот, банкарскиот, финансискиот, како и телекомуникацискиот сектор.

Денешниот бизнис форум помеѓу македонски и австриски компании е втор од почетокот на годинава, во организација на Стопанската комора и Трговското одделение при Австриската амбасада.лв/дма/

 

 

 

 

Остани поврзан