• понеделник, 23 декември 2024

Македонски физиотерапевти беа вклучени во подготовките на кинеските олимписки борачи

Македонски физиотерапевти беа вклучени во подготовките на кинеските олимписки борачи

Пекинг, 24 јули 2024 (МИА) - Драгана Тодорова и Никола Трајковски, македонски физиотерапевти со големо искуство во работата со врвни спортисти или клубови во нашата земја, од почетокот на годината и се професионално ангажирани од страна на боречката федерација на Кина.

Тодорова е ангажирана во сегментот на женски олимписки тим – слободен стил, додека Трајковски работи со двата машки олимписки тима во борење слободен стил и грчко-римски (класично) борење.

- Во комуникација со мој пријател кој е кондиционен тренер во Шангај имав и претходно понуди за работа во Шангај, но не беа доволно добри за да ја напуштам работата и тимот во Скопје. Кога пристигна понудата да работам во Кина за нивниот Олимписки комитет, без размислување прифатив бидејќи, да работиш како терапевт во Олимписки тим за друга држава е нешто што не го добиваш секој ден. При комуникација со тамошната федерација се отвори уште една позиција за терапевт во Женскиот тим па ја исконтактиравме Драгана со која имав соработка и во Скопје, изјави Трајковски.

Двајцата Македонци се презадоволни од условите за работа што ги имаат во кинекста репрезентација.

- Условите се беспрекорни. Самата федерација се стреми кон совршенство. Опременоста на спортските сали и фитнес центри е на високо ниво. Стационирани сме во Олимписката база во Пекинг, меѓутоа тимот често менува локации на тренирање поради временските услови. На пример, во најладната зима во Пекинг, кога надвор е -20 С, нас не преселија два месеци на остров на Хаинан на тропска клима од +25 С. Летово кога во Пекинг температури стигнаа до +40 С степени , тимот го преселија 2 месеци во Чинквандао, покрај море каде што температурата беше не повисока од 30 степени. Се обрнува внимание на квалитетот на храната и користење суплементи, особено имајќи предвид дека се работи за спортисти кои се подложни константно на допинг контроли, потенцира Тодорова.

Олимпијадата во Париз ќе биде отворена в петок и ќе трае до 11 август. зс/

Остани поврзан