• среда, 25 декември 2024

Македонски претприемачки на Форбс 30/50 самитот во Абу Даби

Македонски претприемачки на Форбс 30/50 самитот во Абу Даби

Велес, 11 март 2023 (МИА) - Михаела Ѓорчева и Моника Илиева се македонски претприемачки кои учествуваа на самитот Форбс 30/50 што се одржа во Абу Даби од 7 до 10 март по повод Меѓународниот ден на жената.

Во рамки на самитот, нашите претприемачки оствариле средба и со главниот и одговорен уредник на Форбс и основач на Forbes Under 30 листата, Рандал Лејн.

Ѓорчева е дел од листата Forbes Under 30-2022  на која се истакнуваат по 30 најуспешни млади претприемачи во Европа. Таа e основач на македонскиот ланец на кина „Киноверзум“ и член на Управниот одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет.

Таа имала и менторска сесија со Мика Брезинск,- претседавач на Форбс 30/50 самитот, основач на „Know your value“ и водителка на американската утринска емисија Morning Joe.

-Самитот беше уникатна можност да учам од некои од најуспешните и највлијателните луѓе во светот, како и да воспоставам нови пријателства и соработки што се од непреценлива важност за мојата кариера. Триесетминутната менторска сесија со Мика Брезински ми овозможи да учам од нејзините искуства, да добијам совети за унапредување на мојата кариера и развој на компаниите во кои работам. Деловниот ручек со претставниците од Cisco и Форбс ми овозможи да дискутирам за моќта на вмрежувањето и остварувањето на добри контакти во бизнисот, изјави Ѓорчева за МИА.

Илиева, пак, е ко-основач на продуцентската и издавачка куќа Cafe De Anatollia, а од лани и член на Forbes Business Council, организација на најуспешни претприемачи и бизнис лидери од целиот свет.

-  Како член на Forbes Business Council организацијата за најуспешни претприемачи и бизнис лидери од целиот свет, по добиената ексклузивна покана, Самитот (Forbes) Форбс 30/50 во Абу Даби ми даде можност да се поврзам со други успешни жени/лидери од целиот свет. Стекнав увид во најновите трендови и технологии и научив од искуствата на другите бизнис жени лидери од целиот свет. Фокусот на менторството и соработката на самитот ми помогна да развијам нови односи и вештини кои ќе ми користат во понатамошниот деловен и личен живот. Самитот секако беше важно и трансформативно искуство за мене како член на заедницата на Forbes, изјави Илиева за МИА.

Главниот фокус на настанот било менторството. На самитот учествувале светски лидери од политиката, бизнисот и невладиниот сектор. Меѓу нив биле и поранешната државна секретарка на Соединетите Американски Држави, Хилари Клинтон, првата дама на Украина, Олена Зеленска, принцезата Ламија Бинт Мајед Сауд Ал Сауд од Саудиска Арабија, актерката и добитничка на Еми награда Кетрин О'Харановинарката и активистка Глориа Стајнем и многу други познати жени од светот. ад/бак/

 

Остани поврзан