• петок, 27 декември 2024

Македонски научници на деветтите „Његошеви денови“, во фокусот делото на Блаже Конески

Македонски научници на деветтите „Његошеви денови“, во фокусот делото на Блаже Конески

Скопје, 6 септември 2022 (МИА) - Вкупно 59 научници од 13 земји ќе учествуваат на деветтиот меѓународен научен собир „Његошеви денови“, што од утре до 10 септември ќе се одржува во Тиват, Црна Гора. Покрај делото на Петар Петровиќ-Његош, на конференцијата ќе се разгледува книжевното дело и личноста на академик Блаже Конески.

Меѓународниот научен совет на манифестацијата и нејзиниот организациски одбор, како една од клучните теми на Деновите ја поставија темата „Творештвото на Блаже Конески“. Чествувањето на македонскиот литературен и лингвистички корифеј ќе се одвива на научен симпозиум на 9 септември.

Сесијата ќе ја раководи еден од нашите професори македонисти, заедно со професорот Лех Миодињски од Краковскиот универзитет. Ќе бидат поднесени реферати за делото на Конески, покрај претседавачите на сесијата, ќе настапат и научници, македонисти од Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје: Јасмина Мојсиева-Гушева, Елка Јачева-Улчар, Ангелина Бановиќ-Марковска,  Иван Антоновски, Луси Караниколова-Чочоровска од Штипскиот, Марина Даниловска и Марина Спасовска од Државниот универзитет во Тетово. За есеистиката на Блаже Конески ќе говори еден од големите познавачи на неговото вкупно дело, академикот Радомир В. Ивановиќ од Нови Сад.

Покрај книжевното дело на Његош, една од темите на манифестацијата е „Противвоениот дискурс во јужнословенските книжевности и култури“.

На 9 септември ќе се одржи книжевна вечер посветена на македонскиот писател Томислав Османли. Добар дел од неговиот прозен и драмски опус, вклучувајќи ја и неговата најнова книга, романот „Столб што пее“ (2022) е врзан и за противвоената тема. Македонскиот писател е еден од тројцата автори кои на „Његошевите денови“ ќе имаат свои авторски претставувања, заедно со Александар Гаталица од Србија и хрватскиот писател Ренато Баретиќ.

На оваа конференција, настапи во другите сесии ќе имаат и други наши научници: Звонко Танески од Братиславскиот универзитет и Васко Шутаров и Трајче Стамески од Скопје. На манифестацијата учествува и познатиот македонист Златко Крамариќ од Универзитетот во Осијек, поранешен амбасадор на Хрватска во нашата држава.

„Његошеви денови“ завршуваат со обиколка на Бока Которска и со посета на Његошевиот мавзолеј на Ловќен. мд/са/

Остани поврзан