• недела, 24 ноември 2024

Македонски и руски слависти дискутираат за ликот и делото на Блаже Конески

Македонски и руски слависти дискутираат за ликот и делото на Блаже Конески
Скопје, 18 март 2021 (МИА) – Во соработка со Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, денеска се одржува тркалезна маса на тема „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“, во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.   На дебатата, што се одржува онлајн, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Никола Јанкуловски потсети дека оваа тракалезна маса се одржува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, што се одвива под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.   Ректорот Јанкуловски се осврна на ликот и делото на Блаже Конески, на оваа, како што рече, стожерна личност. Ја нагласи значајната улога на Конески, како професор, декан, ректор и почесен доктор, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), основач на Институтот за македонски јазик.  -Зборувајќи за Конески неизбежно е да кажеме дека тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, преведувач и прв професор, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, вонсериски лингвист и меѓународно реномиран славист, потенцира Јанкуловски.   Целта на оваа тркалезна маса, како што рече, е да се расветли творештвото на Конески од уште еден аспект, како алка, мост што ги поврзува македонските и руските слависти.    Амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Александрович Баздникин посочи дека е голема улогата што ја одиграл Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот литературен јазик.  -Руската амбасада традиционално ја поддржува соработката со Факултетот каде рускиот јазик се изучува од 1947 година, со Катедрата за славистика и со Рускиот центар. Убедени сме дека со поддршка на раководството на Универзитетот и на Факултетот нашата работа ќе продолжи успешно да се развива, рече Баздникин.   Амбасадорот се осврна на изучувањето на македонскиот јазик на руските универзитети и додаде дека има потенцијал за соработка меѓу двете држави, вклучително и во хуманитарната област, што, како што рече, целосно им одговара на клучните интереси на двата братски словенски народи.   -Врзани сме со врски на пријателство, длабока духовна и културна блискост. Насочени сме кон натамошен сеофатен развој на односите во различни области, толку интензивно колку што за тоа се подготвени нашите македонски партнери, а тоа се разбира врз основа на еднаквост и заемно почитување, рече Баздникин. 

Директорката на Рускиот центар и модератор на тркалезната маса проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева нагласи дека Конески е врвен поет, прозаист, истакнат научник, извонреден педагог и професор, угледен лингвист и афирматор на македонската култура или, како што рече, нашиот великан Блаже Конески.  

Таа информира дека во 2021 година се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, 75 години од формирањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и пет години од постоењето на Рускиот центар.   

Во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, во текот на тркалезната маса учесниците од земјава и од Руската Федерација ќе зборуваат за личноста и делото на Блаже Конески, низ призмата на македонско-руските јазични, литературни и културни врски. Ќе се дискутира за руските мотиви и влијанието на руските поети во творештвото на Конески, за патувањата на Конески во Русија и за неговото значење и улога во развојот и афирмацијата на македонистичките студии во Москва. мд/ац/

Остани поврзан