• недела, 24 ноември 2024

Македонски вина со својот вкус ги освојуваат срцата на Американците 

Македонски вина со својот вкус ги освојуваат срцата на Американците 

Кавадарци, 31 март 2024 (МИА) - Македонски вина со својот вкус ги освојуваат срцата на Американците, вински љубители. Тие, преку виното, се повеќе се запознаваат со македонската историја, култура и традиција, учат за македонското битисување и ја откриваат македонската винска приказна преку квалитетните сорти на вина. 

Ова го нагласи за МИА, иселеникот Пере Стојановски, кој пред 13 години заминал со сопругата во САД, а пред една година отвориле вински бар во Синсинати. 

Со Стојановски кои потекнуваат од Велес, исконтактиравме преку интернет и дознавме нешто повеќе за нивниот пат за промоција и презентација на производи произведени под македонското сонце. 

Во 2005 година, Пере се одлучил да си ја проба среќата на брод на крстарење, да работи како помошник келнер. Кога работел таму, се стекнал со знаења за интернационални кујни и вина. Можноста да работи како сомелиер му отворила нови хоризонти за запознавање на винската култура. Во 2011 година добиле зелена карта, иселеничка виза,  на лотаријата што ја организираат САД. Се преселиле, тој и неговата сопруга Ирена и нивната ќерка Дариа, која во тоа време имала две години. 

- Кога започнав да го живеам американскиот сон, стартував со работа во кафетерија во болница. Во 2015 година дипломирав на бизнис менаџмент и добив можност да бидам менаџер на кафетеријата. Следната година се запознав со увозникот на македонски вина. Така почна нашата соработка,  со сопругата бевме дистрибутери на македонски вина но Синсинати, ни раскажа тој. 

Во наредните пет години, Стојановски увиделе дека винските љубители веќе ги препознаваат македонските вина и нивниот квалитет. Тоа била нова можност за нивниот професионален развој. 

- Во нас се роди желба да отвориме вински бар и да ги промовираме македонските вина, но и храна, како ајвар, лутеница, бурек. Во 2021 година ја регистриравме нашата компанија, а во февруари лани, го отворивме винскиот бар. Задоволни сме од работата и посетата на винскиот бар, појасни нашиот соговорник. 

Повеќето од посетителите, биле Американци. Балканци доаѓале, ама ретко. 

- Нашиот концепт е продавница за вино или вински бар. Така да, Балканците доаѓаат да си купат вино за дома, да го дегустираат со друштво во домашна атмосфера. Американците сакаат да го почувствуваат тој македонски дух во амбиентот на нашиот бар. Многу гости претходно не знаеле за постоењето на македонската држава, не слушнале за македонски вински производи. Полека но сигурно го откриваат нивниот квалитет, им се допаѓа и пријатно се изненадени од тоа што им го нудиме, нагласи Стојановски. 

Тој додаде дека во Синсинати има интернационален фестивал на виното и секоја година, македонски вина добиваат медали за нивниот квалитет. 

Македонските производи од грозје, вината, но и ајварот и лутеницата, ги увезуваат и продаваат, а бурекот самите го спремаат во барот и го нудат на гостите. 

- Бурекот, ајварот и лутеницата, за нашите муштерии американци, се, како гурманска храна. Ние им појаснуваме дека во секоја македонска куќа тие се дел од кујната, посебно ајварот. Им кажуваме дека ние растевме со појадок или ужина, леб со ајвар и сирење, а не со путер од кикиритки како нив, коментираше овој  пријатен човек. 


Тие и понатаму го живеат американскиот сон. 

- Според нашите сознанија, засега ова е првиот вински бар за македонски вина во Синсинати, но и во САД. Ние сме единствениот бар со стриктно македонски вина. Имаме, додуше, неколку француски и италијански вина, но, главно, 99.9 проценти, нудиме македонски вина. Многу сме далеку од татковината, но во душата ја носиме и ги презентираме и промовираме нејзините убавини, дециден беше Стојановски.


Како вистински, вински амбасадори на извонредните македонски вина. 

 

Светлана Дарудова


Фото : приватна архива на Стојановски 

Остани поврзан