Македонски весник „Илинден“ упати честитки и Новата 2025
- Честитка по повод Новата 2025 година до своите почитувани читатели и до сите граѓани упати редакцијата на македонскиот весник „Илинден", со желби за добро здравје, радости и успеси во наредните 365 дена.
Тирана, 2 јануари 2025 (МИА) - Честитка по повод Новата 2025 година до своите почитувани читатели и до сите граѓани упати редакцијата на македонскиот весник „Илинден", со желби за добро здравје, радости и успеси во наредните 365 дена.
Во исто време искажува благодарност за нивната доверба кон овој медиум на македонски јазик во Албанија.
- Почитувани, Ви благодариме на довербата која ни ја дадовте како на одговорен, непристрасен и објективен медиум, кој информира и анализира преку својата новинарска екипа за сите настани, за и околу Македонците, за случувањата во државата и пошироко, преку две платформи: печатено и електронско издание, стои во честитката.
Се додава дека и во годинава во која зачекоривме ќе продолжат со одговорната и многу значајна новинарска работа.
- Во 2025 година, ние ќе продолжиме според новинарските стандарди и етика да ве информираме навремено, објективно и од сите агли за најважните проблеми на Македонците во Република Албанија, настаните кои се случуваат во Албанија, татковината Македонија регионот и во светот, порачува редакцијата на весникот, чиј главен и одговорен уредник е Никола Ѓурѓај.
На 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше отпечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден" – Тирана.
- Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот „Илинден" дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија, оценуваат од редакцијата.
Македонскиот весник „Илинден" почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.com. вт/цр
Фото: македонски весник „Илинден"