• недела, 24 ноември 2024

Македонски Брод ќе се збратими со Алексинац, Србија

Македонски Брод ќе се збратими со Алексинац, Србија
Кичево 17 март 2022( МИА) - Откако учениците од основното училиште „Свети Климент Охридски“ од Македонски Брод ја посетија Република Србија и градот Алексинац, како дел од  Еразмус-Плус проект, произлезе заедничка идеја врските помеѓу двете општини да се продлабочат, а таа соработка да биде крунисана и со збратимување, што наиде и на одобрување и кај првиот човек на општина Алексинац. -На иницијатива на проект- менаџерот од основното училиште од Македонски Брод, Александар Станкоски, да се продлабочи соработката помеѓу општините Македонски Брод и Алексинац, воспоставивме онлајн врска со првиот човек од оваа српска општина, Далибор Радичевиќ.Уште при првата онлајн средба, на обострано задоволство беше предложено да се продлабочи меѓусебната соработка и да продолжи унапредувањето во делот на образовните проекти. За таа цел директорот на училиштето Тони Ставрески ја презентираше идејната соработка на училишно ниво во иднина, истакна градоначалникот Жарко Ристески. Тој најави скорешна посета на највисоко ниво од општина Алексинац, предводена од градоначалникот Радичевиќ и директорот на училиштето од овој град. -На првата онлајн средба беше изразена желба од страна на градоначалникот на општина Алексинац, во текот на мај  со екипа од општината и училиштето, да го посетат Македонски Брод, непосредно да се запознаат и да ги истакнат своите намери за во иднина. Добрите релации со оваа општина ќе бидат крунисани со збратимување на двете општини, што очекуваме   да се случи до крајот на оваа календарска година, додаде Ристески.за/вј/

Остани поврзан