• недела, 24 ноември 2024

Македонските чувари на мирот активни и во помош на чуварите на здравјето

Македонските чувари на мирот активни и во помош на чуварите на здравјето
Скопје, 10 јануари 2021 (МИА) - Со артилериска стрелба од касарната „Илинден“, Армијата на Република Северна Македонија во март 2020 година го означи официјалното пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, како нејзина триесетта полноправна членка. Заслуженото членство во Алијансата Армијата го покажа на дело со учеството во повеќе меѓународни мисии, но и со активностите кои ги презема во справувањето со пандемијата на Ковид-19. Армијата минатата година за првпат испрати мировници како членка на НАТО, но покрај предизвикот со активностите во мисиите, со одлука на врховниот командант, нашите војници активно се вклучија и во поддршка за справување со коронавирусот кој не ја заобиколи ниту нашата земја.

Поддршката од највисокото воено советодавно тело на Алијансата, Армијата ја доби уште во јануари минатата година од претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал, Стјуарт Пич, кој беше во прва официјална посета на нашата земја.

Пич во екслузивното интерју за МИА од минатата година нагласи дека над 4.000 членови на вооружените сили од Северна Македонија служеле во операции во текот на патот до членство, а тоа овозможило да се увиди професионализмот на нашите вооружени сили.

-Тие се распоредени низ целиот свет, вклучително и во Авганистан. Тоа ни дава причина да го почитуваме нивниот професионализам. Сега Армијата на Северна Македонија го почна патот на трансформација, што го поздравуваме и го поддржуваме. Тој пат е многу важен, потребен пат во смисла на модернизација на опремата, почитување на војниците, почитување на нивните претпоставени. Начинот преку кој можеме да учиме едни од други како Алијанса е многу важен, за секој да разбере дека кога станувате сојузник не се работи само за политичката посветеност, што е секако главната вест, туку предноста и можноста за вооружените сили да работат со многу други земји, да учат едни од други, да ги развиваат вештините додека вежбаат заедно и, секако, преку испраќањето на овие мисии со цел уште повеќе да го зголемат професионализмот во иднина. Вооружените сили од Северна Македонија веќе се многу почитувани и ќе бидат подготвени да работат со другите НАТО-сојузници како 30. сојузник, истакна Пич во интерјуто за МИА од 9 јануари минатата година.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во јануари минатата година во Норвешка со неговиот домаќин адмиралот Хакун Брун Хансен разговараше за меѓусебната воена соработка како што се иницијативата на балкански медицински наменски сили, како дел од проектот паметна одбрана.

Пред официјалното пристапување во Алијансата, Ѓурчиновски оствари средба со командантот на здружениот воздухопловен оперативен центар на јужното крило на НАТО, генерал-потполковник Рубен Гарсија Сервент, и со Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, генерал Енцо Вeчиарели.   Армијата активно се вклучи во справување со пандемијата од коронавирусот Ковид-19 Врз основа на одлуката на претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски по одлуката на Владата за прогласување на кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, за спроведување на мерките за спречување на ширење на корона вирусот, Армијата на Република Северна Македонија од 14 март се вклучува во поддршка на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство за обезбедување и контрола на кризното подрачје и во поддршка. Од 23 март дел од армиските сили се вклучија во заеднички патроли со полицијата за обезбедување на објекти од витално значење за државата, како и влезни и излезни контролни точки од населените места, во координација и насоки од Владата.   Како дел од активностите и мерките кои се преземени од страна на Генералштабот и потчинетите команди и единици со цел справување со ширењето на епидемијата на вирусот КОВИД 19 е и вклучување на лесната маневарска полска болница РОЛ-2 во здравствениот систем на Република Северна Македонија.   Припадниците од Воено Медицинскиот Центар по претходна подготовка на теренот од страна на инженерскиот баталјон и град Скопје на локација непосредно кај инфективната клиника во комплексот клиники Мајка Тереза, во предвидениот рок од неколку денови со придржување на пропишаните постапки ги монтираа конструктивните елементи и овозможија нејзина потполна функционалност. На почетокот на летото Армијата го отпочна проектот за подобрување на патната инфраструктура на полигонот Криволак од страна на инженериската единица на Армијата.  Извршување на Работите се планирани во повеќе фази се до почеток на вежбата „Одлучен Удар 21“ (Decisive Strike 21“ ) која е планирана за во јуни 2021 година. Во овој период инженерците успеаја да направат сосема нов пат односно поврзување на еден дел од полигонот во должина од девет километри на правец стрелиште Мушанци – Црешево. Паралелно со пробивањето на новите патишта, проширување и доуредување на постојните се врши и нивно тампонирање со што комплетно ќе го промената изгледот на полигонот и всушност ќе биде направена една обиколница околу полигонот со внатрешо поврзување со три патни правци кои ќе се спојуваат со надворешните асфалтирани сообраќајници кои поминуваат покрај полигонот - обиколница околу периметарот на границата на АП Криволак и внатрешно поврзување со вкупна должина од 75 км. Претседателот Пендаровски, придружуван од началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во обиколка на АП Криволак и Посета на Воено медицинскиот центар. Командата на Бригадата за Југоисточна Европа (South-Eastern Europe Brigade- СЕЕБРИГ) во Република Северна Македонија, со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово, официјално го означи отпочнувањето со работата во Република Северна Македонија. Штабот на СЕЕБРИГ кој на ротационен принцип ја менува својата локација, ќе биде сместен во оваа касарна во периодот 2020-2026 година, со што Армијата на Република Северна Македонија покрај со учеството на свои единици и штабни старешини во СЕЕБРИГ ја има приликата да се покаже како одговорен и добар домаќин во следниот шест годишен период. Во касарната „Илинден“ во Скопје во ноември минатата година со присуство на највисокиот воен и државен врв се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија, во мисијата на НАТО во Косово – „КФОР“. Армијата на Република Северна Македонија за првпат како 30-та земја членка на НАТО директно ќе учествува во мисијата КФОР во Косово каде во следните шест месеци контингентот од 44 припадници на Армијата, составен од штабни офицери и вод за обезбедување, ќе ги извршуваат задачите во главната команда на мисијата и во командата на КФОР – „Запад“. Учеството на нашите мировници ќе придонесе за целокупната мисија на КФОР, во обезбедување на безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Нивните задачи вклучуваат патролирање и обезбедување на манастирот Дечани и физичко обезбедување на кампот „Вилаџо Италија“ заедно со италијански и молдавски војници. Штабниот елемент од контингентот ќе работи во склоп на штабот на КФОР во Приштина. Со указ на претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, врз основа на Законот за одбрана и согласно организациско-формациската структура на Армијата на Република Северна Македонија, во чин бригаден генерал се унапредени полковник Симеон Трајковски и полковник Бесник Емини. Во последниот месец од 2020 година во Командата за обука и доктрини во АП Криволак започна Основниот курс за подофицери, на кој учествуваат 60 слушатели – професионални војници од единиците на Армијата. Тековниот курс за подофицери е прв од двата кои ќе се реализираат и на кој учествуваат по 60 кандидати за подофицери, кои се избрани од сите единици на Армијата на Република Северна Македонија, согласно Правилникот за начин на прием на кандидати за офицери и подофицери, по пат на интерен оглас во Армијата. Истиот месец двајца припадници на Армијата - штабни офицери прв пат заминаа во мисијата на ЕУ во Централно африканската република - мисија за обука. Армијата и во 2021 година  продолжува со асистенција и испомош на институциите во справување со Ковид 19 се додека тоа е потребно. Оваа година на почетокот на летото ќе се одржи најголемата вежба  на АП Криволак, „Одлучен удар 21“, а по неа, во септември и Меѓународната вежба за реакција на природни катастрофи во координација со ЦУК (East Atlantic Disaster Response). Припадници на Армијата од различни единици ќе учествуваат и на 20-тина воени вежби надвор од земјава. Борис Куноски    

Остани поврзан