Македонските одбојкари ги дознаа противниците во Златната Европска лига 2025
- Македонската одбојкарска репрезентација ќе биде дел од 12 национални тима кои ќе учествуваат во изданието од ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година. Заедно со „црвено-жолтите“ во натпреварувањето ќе учествуваат и: Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел.
Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Македонската одбојкарска репрезентација ќе биде дел од 12 национални тима кои ќе учествуваат во изданието од ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година. Заедно со „црвено-жолтите“ во натпреварувањето ќе учествуваат и: Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел.
Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“ односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.
- Првите турнири на програмата се викендот од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра на турнирот во Словачка, каде првиот натпревар го игра на 7 јуни против Финска, додека ден подоцна ќе се соочи со домаќинот.
Вториот турнир е предвиден од 13 до 15 јуни во Летонија. Летонците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14 јуни играме со Грција.
Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд од Златната Европска лига 2025, закажан од 20 до 22 јуни. Македонија на 20 јуни ќе го пречека Израел, потоа ќе има слободен ден додека турнирскиот систем на натпрварување ќе го закружи против Црна Гора на 22 јуни, објави Одбојкарската федерација на Македонија.
По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден. зс/
Фото: ОФМ