• среда, 25 декември 2024

Македонските кошаркари на прием во Владата, честитки за златниот медал од Мицкоски и Ристовски

Македонските кошаркари на прием во Владата, честитки за златниот медал од Мицкоски и Ристовски

 

Скопје, 5 август 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски попладнево на прием во Владата на членовите на македонската јуниорска кошаркарска репрезентација и на стручниот штаб им го честитаа освоениот златен медал на Европското првенство – Б дивизија кое во неделата заврши во Скопје.

Македонските кошаркарски јуниори до златниот медал и пласманот во најсилната А дивизија дојдоа со максимален ефект од осум победи на осум натпревари, совладувајќи ја вчеравечер Австрија во финалето со 98-88.

„Денеска ја имав честа да ги примам нашите млади херои кои донесоа злато. 8:0 на Европскиот шампионат во кошарка за возраст до 18 години, Б дивизија и златен медал. Македонија е горда на нивниот успех. Дело кое треба да се следи“, истакна премиерот Мицкоски по средбата со македонската кошаркарска репрезентација до 18 години.

Пофалби за големиот успех на средбата на која присуствуваше и раководството на македонската кошаркарска Федерација изрази и министерот за спорт Ристовски.

„На мое големо задоволство гости во владата беа нашите херои кои донесоа злато. Наша обврска е да го следиме нивниот успех и создадеме услови за уште поголеми победи. Победи кои ќе значат промоција на Македонија и создавање на нови идоли во кошарката! Честитки момци! Македонија се гордее со вас!, објави по средбата министерот за спорт Ристовски на социјалните мрежи. ег ФОТО: КФСМ

Остани поврзан