• понеделник, 18 ноември 2024

Македонските каратисти целат кон висок пласман на Светското првенство во Дубаи

Македонските каратисти целат кон висок пласман на Светското првенство во Дубаи
Скопје, 12 ноември 2021 (МИА) - Максимално подготвени и со амбиции за висок пласман и освојување најмалку еден медал, македонските карате репрезентативци утре заминуваат за Дубаи каде од 16 до 21 овој месец ќе настапат на сениорското Светско првенство во борби и кати. Во силна конкуренција на 1 054 натпреварувачи од 117 земји, македонската репрезентација ја сочинуваат 12 каратисти, кои ќе настапат во машка и женска поединечна, и екипна конкуренција, предводени од селекторите Александар Кузмановски во борби и Стојан Андриевски во кати. - Оптимист сум и очекувам добар настап од сите нашите репрезентативци и со медал да се вратиме од Дубаи и да ја израдуваме македонбската јавност како што тоа го правевме во минатото на големите натпреварувања, изјави селекторот Кузмановски на денешната прес-конференција во Скопје. Капитенот на македонската репрезентација во борби, Жарко Арсовски, посочи дека конкуренцијата на Светското првенство ќе биде жестока. - Знаеме дека сите натпреварувачи се квалитетни, вклучувајќи нè и нас. Никого нема ниту да прецениме, ниту да потцениме, туку влегуваме максимално мотивирани и сите во репрезентацијата се надеваме на добар резултат, изјави Арсовски, кој во својата кариера има бронзен медал од светските првенства. Со амбиции да се искачи на победничкиот пиедестал на Светското првенство во Дубаи, заминува и повеќекратниот европски медалист, Емил Павлов. - Можам да ветам дека ќе го дадам својот максимум и во поединечна и во екипна конкуренција. Мојата мотивација е на највисоко ниво, бидејќи, покрај медалите, кои ги освојував на европските првенства, во мојата кариера недоставува медал од Светско првенство, рече Павлов. Македонската репрезентација во кати ја сочинуваат олимпијката Пулексенија Јованоска и 19-годишниот Александар Неделковски, за кого Светското првенство во Дубаи ќе биде дебитантски настап на големите натпреварувања. - Не се надеваме на медал, бидејќи медалот во кати е многу тешко да се освои, не поради нашиот неквалитет, туку поради начинот на судење во кати. Меѓутоа, ние работевме напорно и сигурен сум дека достојно ќе ја претставиме нашата држава, изјави селекторот Андриевски. Составот на македонската карате репрезентација го сочинуваат Фаик Весели (до 60 килограми), Емил Павлов (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг), Сара Радичевска (до 50 кг), Јована Георгиевска (до 55 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Симона Симовска (над 68 кг) во борби, и Пулексенија Јованоска и Александар Неделковски во кати. ег/ар/

Остани поврзан