• четврток, 19 декември 2024

Македонскиот филм „Мими“ од 13 октомври со кино проекции низ државата

Македонскиот филм „Мими“ од 13 октомври со кино проекции низ државата
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Македонскиот долгометражен игран филм „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски од 13 октомври ќе почне со кино проекции за македонската публика. Љубителите на домашниот филм, ќе може да го погледнат филмот во кината „Синеплекс“ и „Милениум“ во Скопје, и во дел од градовите низ државата. Како што соопштија од тимот на филмот, станува збор за психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди од родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. Појдете во кино и погледнете ја разврската на оваа современа драма.

Улогите ги толкуваат Наталија Теодосиева како Мими, Тамара Ристоска како Сара, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

„Мими“ е втор долгометражен филм на Даријан Пејовски, кој во својата филмска биографија како режисер ги запиша „Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а работеше и на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“. Филмот е копродукција на „Скопје Филм Студио“ со „Maxima Film“ од Хрватска и „Giggling Goat Production“ од Црна Гора. Направен е со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, ХАВЦ - Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

„Мими“ го отвори овогодинешниот Фестивал на европски филм „Синедејс“ и беше прикажан во земјите копродуценти во рамки на Пулскиот филмски фестивал и фестивалот во Херцег Нови. бт/бак/

Остани поврзан