• четврток, 19 декември 2024

Македонскиот туристички сектор дел од ИТБ Берлин со фокус на одржливост на дестинациите

Македонскиот туристички сектор дел од ИТБ Берлин со фокус на одржливост на дестинациите

Скопје, 8 март 2023 (МИА) - Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со десет коегзибитори учествува на Интернационалната туристичка берза ИТБ Берлин која се одржува од 7-ми до 9 март каде ќе бидат промовирани македонските дестинации и туристички продукти кои ја прават земјава атрактивна.

Како што информира Агенцијата, во рамки на ИТБ, директорот на АППТ Љупчо Јаневски и претседателот на Green Destinations - сертифицирана и наградувана програма за имплементирање на практики за развој на одржлив туризам од Холандија, Алберт Салман, потпишаа Меморандум за соработка. Во периодот што следи ќе се спроведат акциски програми и со заедничка работа ќе се имплементираат алатки и практики за одржливост на дестинацијата, поддршка на локалното производство, како и подигање на свесноста за еко дестинации преку споделување на искуства и знаење од други зелени и еколошки региони.

-Во соработка со СИППО – Швајцарска програма за поддршка на извозот, АППТ потпиша уште три Меморандуми на соработка: со германската организација Алијанса на независни туристички трговци (ASR) која ги застапува интересите на самовработените средни бизниси во германската туристичка економија со фокус на основање меѓународни партнерства, потоа со германската водечка мрежа на тур-оператори посветени на одржливост на дестинациите (FAR), како и со холандската непрофитна организација TraveLife - Програма за промоција на одржливост во туризмот која предвидува обуки, акциски планови, извештаи насочени кон туристичкиот сектор, наведува АППТ.

Првиот ден на ИТБ Берлин почна со преговори за чартер линијата Букурешт - Охрид, со состаноци со туроператорот ТУИ кој изрази подготвеност за поставување трета дестинација за 2024 година од која ќе оперираат со чартери, зголемувајки го бројот на туристи. Се реализираа средби со полски туроператори за зголемување на портфолиото на програми од Северна Македонија со вклучени нови атракции и кружни патувања за седум дена во нашата дестинација, а имаше и разговори со БиБиСи кој понуди одлични услови за соработка и визуелизација на македонските туристички потенцијали преку нивните канали на комуникација. Се реализираа преговори со туроператори од Чешката Република за посета на зимските центри и Охрид во сезона 2023/2024.

Македонскиот изложбен простор беше посетен од македонскиот амбасадор во Берлин, Васко Грков.

-Со својата единствена разновидност и учество на 180 земји и региони, со 5 600 излагачи во повеќе од 23 хали ИТБ Берлин го покрива целиот синџир на туристички понуди, со додадена вредност. ИТБ Берлин е поделен на посебни сегменти кои ги рефлектираат најважните актуелни теми, што го олеснува пронаоѓањето на патот околу широката палета на производи и услуги на саемот. Највлијателниот и најголемиот саем за туризам во светот после три годишна пауза е со изменет концепт во траење од три дена, концентрирани на B2B средби, чии договори треба да дадат силно влијаниие туризмот во 2023 година, за да ги постигне резултатите од 2019 година. Фокусот на ИТБ Берлин оваа година е на социјалната и еколошката одржливост. Учесниците и посетителите ќе имаат можност да слушнат инспиративни приказни кои покажуват како дестинациите ширум светот се обидуваат да го направат туризмот поотпорен и одржлив, со тоа што ќе дадат позитивен придонес за локалната заедница и животната средина. Повеќе од 50 години ИТБ Берлин во март го собира светот на меѓународниот туризам, на најголемиот саем за патувања, иновации, знаење, лидери и инспирација за поместување на туристичките граници, соопшти АППТ. мч/дма/

 

Фото: АППТ

 

Остани поврзан