• среда, 25 декември 2024

Македонскиот национален идентитет не може да биде предмет на какви било преговори, порача Заев

Македонскиот национален идентитет не може да биде предмет на какви било преговори, порача Заев
Скопје, 17 ноември 2020 (МИА) - Невозможно е македонскиот национален идентитет да биде предмет на какви било преговори. Тој е потврден со Европската конвенција за човекови права, Универзалната декларација за човекови права. Тоа е правото на самоопределување, кое е гарантирано со Повелбата на ОН и на крајот со Лисабонскиот договор, како уставна основа на ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21. Тој потенцира дека Македонците се сигурни во својот идентитет. - Македонците и македонскиот јазик се непобитен факт, потенцира Заев. - Бугарија вели ние ја признаваме реалноста и прифаќаме постоење на Македонци и македонски јазик. Но, дајте да се вратиме на историјата и да ги видиме историските факти. Ние имаме досега договорена билатерална норма. Таа е договорена 1999 година, која во 2017 година со Договорот за пријателство и добрососедство е потврдена, а тоа е, ние ним и тие нас ни се обраќаат на македонскиот јазик, согласно Уставот на Република Северна Македонија и Бугарија согласно нејзиниот Устав. Нема разговори за идентитетот ниту за македонскиот јазик којшто е основата за нашиот идентитет, нагласи Заев. Тој рече дека разговорите се однесуваат на тоа што од Бугарија не се задоволни во делот на почитувањето на историјата од двете страни на границите. - Знаете, прво, историјата е работа на историчарите, политичарите не разговараат за историски прашања. Политичарите може да охрабрат историски комисии на кои се разговара, впрочем со големи успеси досега. Пет историски личности, три историски периоди. Еве и следните се на убав повидок на договарање врз основа на историски факти, рече Заев. Тој се повика на правото на историјата на неговите корени, како Македонец којшто зборува македонски јазик, е право на самоопределување. - И пријателска Бугарија беше присутна преку своите пратеници во Европскиот парламент кога премиерот на Република Северна Македонија се обрати на својот мајчин македонски јазик. Тоа е убавината на ЕУ, разноликоста на сите јазици, на сите култури на сите етникуми и различни нации и народи кои постојат во него. Тоа е убавината на ЕУ, рече Заев. Премиерот нагласи дека со Бугарија сме пријатели, не сме непријатели. Тој рече дека не треба да се дозволи во овој период да се оддалечат двата народи и двете земји. - Тие треба да бидат блиски народи, да соработуваат, да отвораат перспектива за младите и за децата. Тоа е обврска на сите, секако, најмногу моја и на Борисов како први во извршните власти во двете земји, изјави Заев. ир/сп/

Остани поврзан