• четврток, 26 декември 2024

Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите „Никола Младенов 2022“

Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите „Никола Младенов 2022“

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Истражувачката и репортерска лабораторија со сторијата „Нечиста крв“, новинарката Кристина Атовска со репортажата за војната во Украина и Арбнора Мемети со фотографијата „Врнежи од канцерогени материи во Тетово“ се добитници на годинашните награди „Никола Младенов“, што ја доделува Македонскиот институт за медиуми.

Тимот на ИРЛ, кој работеше на истражувачката сторија „Нечиста крв“, истакна дека се соочиле со големи предизвици.

-Ова ни беше еден од најтешките периоди во животот и не заврши кога ја објавивме епизодата напротив тој период уште трае за нас, бидејќи сме секојдневно мета на напади од оркестрирани хајки и обиди да не дискредитираат. Затоа едно вакво големо признание многу ни значи, затоа што оваа епизода беше исклучително тешка за докажување, беше тешка да се направи и едноставно ни покажа дека граѓаните се подготвени да се борат со нас, особено оние граѓани во институциите кои во нас препознаа партнер. Сакам да кажам не чека уште потешка битка во иднина и многу ни е мило што ја имаме поддршката, истакна Деница Чадиковска, дел од тимот на ИРЛ.

Кристина Атовска, која ја доби наградата за најиновативен медиумски производ, со фокус на војната во Украина изрази надеж дека нејзината упорност еден ден ќе биде мотивација за другите генерации.

-Уште во моите студентски денови кога ги земав оние обуки за воено новинарство, колегите ми велеа залудно ги трошиш времето и парите, тој сектор кај нас не постои. Кога почна војната и реков ќе одам во Украина, ми рекоа тоа не е возможно, немој да сонуваш, седи тука, нема тоа да се случи. Кога се вратив од Украина, моите пријатели ми рекоа сите твои колеги од војна се враќаат ситуирани до крајот на животот, ти се врати со долгови, гледаш дека не вреди. Но, вреди, вреди од еден друг аспект, утре после пет, десет, седумдесет години ќе дојде едно ново дете со желба, идеја нешто да направи и ќе се соочи со истото општество кое ќе му вели не постои не може, и тоа едно дете ќе има пример и ќе види дека ништо не е невозможно. Се што се сака, се може, ако нешто се сака, ќе се најде начин, ако не се сака, ќе се најде изговор. Мене многу ќе ми биде мило ако утре инспирирам барем едно дете, порача Атовска.

Фоторепортерката Мемети помеѓу другото посочи дека треба да се размислува повеќе за едукација и поголема безбедност на медиумските работници за известување од опасни подрачја.

-Оваа фотографија е направена минатата година кога Тетово ја погоди една нова еколошка катастрофа. Имаше 14-часовен врнеж на канцерогени материи од една фабрика која се запали на влезот на Тетово. Освен пожарникарите кои беа таму најизложени, бевме и ние медиумските работници. Ова го кажувам бидејќи е крајно време да почнеме повеќе да размислуваме за едукација за известување од вакви терени, рече Мемети.

Во категоријата најдобра истражувачка сторија беа пријавиле 16 новинари, за најиновативен новинарски производ 18 теми, а за најдобра репортерска фотографија беа пријавени 27 фотографии.

Комисијата за доделување на наградите ја сочинуваа Верица Јорданова, претседателка на управниот одбор на МИМ, Арта Тахири, уредничка во телевизија Алсат М, проф.д-р Марина Тунева, фоторепортерот Роберт Атанасовски и Билјана Петковска, директорка на МИМ.

Оценка на Комисијата е дека изминатата година новинарите посветено и темелно работеле и продуцирале квалитетни истражувања кои откриваат и анализираат теми и прашања од висок јавен интерес, поттикнувајќи институционална разрешница во случаите каде се констатирани неправилности и злоупотреби. свс/бак/

Фото: МИМ

Остани поврзан