• петок, 27 декември 2024

Македонскиот дипломатски синдикат бара оставка од министерот Бујар Османи

Македонскиот дипломатски синдикат бара оставка од министерот Бујар Османи
Скопје, 4 јули 2022 Поради свесно уништување на македонската дипломатија, бараме ваша најитна оставка, министре Османи! Македонските дипломати не го имаат ниту видено ниту анализирано францускиот предлог, како што вие тврдевте. Тоа го имаат направено само еден-двајца ваши најблиски соработници, кои патем како награда си добија мандати во странство. Не дозволуваме македонските дипломати да се злоупотребуваат и израмнуваат со неколкумина поединци на кои личната добивка им е пред државата. Молиме да си побарате друг начин да го оправдате наметнувањето на предлогот и рамката - ние не сме и нема да бидеме ничиј параван. Уште полошо, си дозволивте да се заканите со нарушување на меѓуетнички немири, доколку францускиот предлог бил одбиен, враќајќи не во едно темно минато кое мислевме дека остана далеку зад нас. Ваквите закани во најмала мерка ве прават недостоен за прв човек на дипломатијата. Долга е листата на вашите гревови, господине Османи. Следната година Република Македонија ќе претседава со ОБСЕ, што се смета за круна на мултилатералните активности. Сите држави во ваква ситуација ги ангажираат своите најдобри ресурси, само вие не, иако тоа го ветувавте минатата година. Во дипломатскиот тим кој ќе биде ангажиран, помеѓу повеќе од дваесетина дипломати, само еден (1) има претходно искуство во работењето со ОБСЕ во Виена, а останатите се аматери кога е во прашање најголемата регионална безбедносна организација во светот. Истовремено, голем број високи дипломати вклучително и релевантни амбасадори се или упатени на други должности во странство или воопшто не се ангажирани. Во чиј интерес е компромитирањето на нашето претседавање, господине Османи? Исто така, прашуваме по кој основ го испративте колегата Миле Миленковски во Виена, на место заменик шеф на мисијата, едно од клучните места во претстојното претседавање, за да само после една недела од упатувањето заврши во притвор во Врање? Господинот Миленковски воопште не се ни пријавил на интерниот конкурс за Виена, туку вон процедурите и без негово барање беше избран со ваша одлука. Еден од приоритетите на секоја дипломатија е поставување свои луѓе на високи и највисоки позиции во меѓународните организации. Тоа се смета за успех и дава можност за поголемо влијание на државата во меѓународните односи. Која е причината зошто блокирате кандидатури на наши амбасадори, оневозможувајќи им да дојдат на високи меѓународни позиции? Дали сте свесен дека со тоа правите штета по угледот на Република Македонија? Со дуплирање на организациони единици во МНР и претворање на вашиот кабинет во феудална тврдина, систематски го разградувате МНР само со една цел – да имате апсолутна контрола врз се што се случува во Министерството. Господине Османи, пред две години, кога дојдовте во МНР ве предупредивме дека една од главните задачи што стои пред вас е да го вратите сјајот и дигнитетот на министерството, девастирано од самоволието и арогантноста на Никола Димитров. За жал, вие не го сватифте предупредувањето сериозно и не мрднавте со малиот прст да ги поправите состојбите. Поради сето ова, а и многу други причини за кои ќе информираме дополнително, ние дипломатите од МДС не стоиме зад вас и очекуваме да имате минимум доблест што поскоро да си поднесете неотповиклива оставка, за добро на она малку што остана од дипломатијата.   Македонски дипломатски синдикат ______________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан