• четврток, 19 декември 2024

Македонскиот „Антикорупциски караван“ тргна од Битола

Македонскиот „Антикорупциски караван“ тргна од Битола

Битола, 3 декември 2024 (МИА) - Денеска од Битола низ земјава тргна „Антикорупциски караван“ чија цел е заедно со граѓаните да се води битка и да се добијат реални резултати во борбата против корупцијата.

Организирани од Македонскиот центар за меѓународна соработка, учесниците во антикорупцискиот караван упатија заедничка порака дека во борбата против корупцијата треба да се настапува заеднички и со поддршка на граѓаните.

-Основата на антикорупциските активности лежи во развојот на силна правна рамка и формирање на независни институции кои што ќе се борат корупцијата, меѓутоа важна улога имаме и сите ние кои што сме во оваа активност. Не смее да чекаме некој друг нешто да направи туку мора да се вклучиме сите ние и да бараме транспарентност и отчетност, но и одговорност за да се спречи корупцијата. Корупцијата се шири или развива тогаш кога го затвораме окото или не сакаме да слушаме, но ние мораме да ги држиме сите кои што се во јавните институции за да бидат одговорни. Така се менува системот, со активна улога на сите партиципиенти. Силен и независен судски систем е клучен за да се постигне ефективна борба против корупцијата. Ние сме насочени кон менување на Кривичниот законик и суштинско поправање на штетите што се направени од минатата година, меѓутоа и со правење на реформи во судството со цел судството навистина да биде независно и ослободено од притисоци, истакна на промотивниот настан во Битола, Арбен Фетаи, заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење.

Според Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, потребни се култура, висок интегритет и свесност за борба против негативните појави во општеството.

-Антикорупцискиот караван има задача да потсети дека правдата и чесноста не се само зборови, туку се принципи по кои треба да делуваме. Овој проект „Граѓаните против корупција“ е многу важен и без поддршка на граѓаните, без нашиот тим и институциите, нема да можеме да постигнеме многу. Пријавите од граѓаните и нашите активности се значајни за ова општество, и затоа нашата задача е да се ставиме на располагање на граѓаните, рече меѓудругото Димитровска.

На плоштадот „Магнолија“ во Битола се обрати и Слободан Ивановски, директор на Управата за финансиска полиција и тој најави формирање на систем кој како што рече ќе биде имун на ургенции.

-Работиме на законски измени со кои ќе се инкорпорираат реформи, а една од нив е воведување внатрешна контрола, бидејќи по однос на предметите по кои што постапуваме добро е во иднина да имаме внатрешна контрола која ќе биде задолжена за постапувањето на нашите вработени.Со оваа новина ќе се воведе професионализам и транспарентност и како институција ќе се отвориме кон граѓаните за да пријавуваат секаква корупција и можен криминал. Сакаме да воспоставиме систем што ќе биде имун на субјективни влијанија, имун на субјективни ургенции, односно секој предмет да биде сработен без субјективната волја на директорот, на вработениот или раководителот. Организираниот криминал за жал е рак рана на секое општество, но сепак ние како институции врз основа на довербата дадена од граѓаните ние мора да испорачаме резултати, истакна Ивановски.

Антикорупцискиот караван јавно го поддржаа и првиот човек на битолското Јавно обвинителство Оливера Нечаковска која истакна дека на обвинителите им е потребна соработка со државните органи, невладините организации, новинарите и граѓаните за заедно и без притисоци испорачаат резултати, додела пак секретарот на Општина Битола Борче Димитровски нагласи дека локалната самоуправа покажала дека е една од најотворените и најтранспарентни општини во државата.

Со свој штанд и публикации за реализирани истражувања и студии на случај изработени во Битола, а во рамки на „Антикорупциски караван“ на плоштадот „Магнолија“ се претстави Центар за граѓански комуникации од Скопје. мт/сст/

Фото: МИА

Остани поврзан